Голот на Германија е регуларен, тврдат експертите


Нема повреда на ракометните правила и не станува збор за заговор против Словенија, оценија судиските експерти по контроверзното реми на Германија и на Словенија во второто коло од ракометното Европското првенство во Хрватска. Според нив, „доколку во последните триесет секунди на натпреварот, додека топката не е во игра, било кој играч или некој од службените лица одолговлекува или го спречува противникот да шутне кон голот или непрописно го оневозможи во чиста шанса за гол, судијата мора да го дисквалификува и да покаже на седмерецот“.

Како што е познато, драмата во загпреска „Арена“ се случи во последните десет секунди. Најпрво, Германците израмнија на 24-24, а потоа Словенците со брз центар успеаја да го дадат „победничкиот“ гол. Но, останаа уште три-четири секунди, Германците стигнаа до центарот и во тој момент Словенците, предводени од Блаж Благотиншек дојдоа до синиот круг на центарот од игралиштето, спречувајќи ги противниците да изведат напад. Времето истече, литванските судии отидоа да ја прегледаат видео-снимката. По седум минути пресудија црвен картон за Благотиншек и пенал за Германија, кој беше реализиран. Во тие моменти, словенечкиот селектор Веселин Вујовиќ го изгуби разумот, па дури и застана на голот за да го одбрани седмерецот.

Словенците се жалеа, ЕХФ ги одби, по што во знак на револт дури и најавија напуштање на првенството, потенцирајќи дека се свесни за последиците. Сите се сложуваат дека судиските одлуки во остатокот од мечот беа во полза на Германија, но нема фајде од тоа. Откако главите ќе се изладат, Словенија утре ќе истрча на терен против Црна Гора за да одлучат кој, покрај Македонија и Германија, ќе продолжи во Вараждин. Раководството на ракометниот сојуз на Словенија најави приватна тужба за „кражбата“ против Германија. Во првото коло од ЕП, Словенија загуби од Македонија, а и тогаш се жалеа дека биле украдени од романските судии.