Голманот на Баерн се извини за својата грешка против Реал


Голманот на Баерн Минхен, Свен Улрих им се извини на навивачите на клубот поради грешката која ја направи при вториот гол на Реал Мадрид во реваншот меѓу двата тима од Лигата на шампионите, кој заврши 2:2.

Во 46-та минута, при резултат 1:1, поранешниот голман на Штутгарт не беше сигурен што да направи по вратената топка кон него од страна на Корентен Толисо и се размина со неа, а Карим Бензема ја искористи грешката и реализира за 2:1.

На крајот Реал се пласираше во финалето со вкупен резултат 4:3, а токму грешката на Улрих се покажа како клучна за елиминацијата на баварците.

– Зборовите не можат да опишат колку разочарано се чувствувам од елиминацијата. Ние очајно сакавме да се квалификуваме за финалето и го дадовме најдоброто од себе, но јас направив непотребна грешка која не можам да си ја објаснам. Им се извинувам на сите во тимот и на вас навивачите, напиша Улрих на Инстаграм.

Подоцна денеска ќе биде познат противникот на Реал во финалето по средбата меѓу Рома и Ливерпул. Англискиот тим води со 5:2 по првиот натпревар.