Голем собир против антисемитизмот во Париз


Повеќе од 10 политички партии и организации повикаа на голем собир вечерва во Париз против антисемитизмот, а учество најавија неколку министри, како и поранешниот француски претседател Франсоа Оланд.

Иницијативата ја покрена Социјалистичката партија, а еден од претставниците на партијата, Оливиер Фауре го повика на собирот и актуелниот претседател на Франција, Емануел Макрон и претседателката на екстремно десничарската партија Нацинален собир Марин Ле Пен.

Кабинетот на Макрон соопшти дека претседателот нема да биде на собирот, бидејќи има обврски, а утре е закажана годишната вечера со претставниците на Совет на еврејски институции, чиј домаќин ќе биде францускиот претседател, кој ќе зборува за антисемитизмот.

Фауре изјави дека упатил повик до сите партии, но не и до таа на Марин Ле Пен, која претходно беше жестоко критикувана поради изјавите за антисемитизмот и расизмот. Меѓутоа, Фауре рече дека лидерката е добредојдена на собирот ако сака да даде поддршка.

Покрај социјалистите, на собирот ќе бидат претставници на владејачката Република напред, десничарски партии Републиканци и радикалната левица на Жан-Лик Меланшон.

Антисемитските напади минатата година се зголемија за 74 проценти, објави неодамна Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека од 311 дела во 2017 година, минатата година биле регистрирани 541.