Годишен концерт на Мандолинскиот оркестар Скопје


Еден од музичките настани со најдолга традиција е пред нас – годишниот традиционален концерт на мандолинскиот оркестар „Скопје“. Концертот ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во фоајето на Македонската опера и Балет.

Младите мандолинисти ќе настапат под диригентската палка на искусните и реномирани диригенти Рамадан и Ерхан Шукри. Дел од програмата ќе бидат безвремените, оригинални композиции, напишани наменски за мандолински оркестар од К.Мандонико, Д. Крајдлер, Д. Хакнет, С. Рахмањинов, А. Карас, И. Ордуљ и Љ. Бранѓолица.

Како дел од годишниот концерт, музикологот Тина Иванова, некогашен мандолинист, ќе го промовира изданието на цеде „Ритамот на мандолината“ кое ќе биде достапно по промотивна цена за сите оние што ќе одлучат да дојдат на концертот и да уживаат во звуците на мандолината.

Мандолинскиот оркестар „Скопје“ во своите 17 години постоење секогаш на годишните концерти се претставувал со неспорна виртуозност и музикалност, а репертоарот бил исполнет со најрепрезентативните дела од оперската, балетската и симфониската музика од светското музичко наследство. Како носител и амбасадор на македонската музичка традиција и култура, инструменталистите од овој оркестар исполнуваат и популарна забавна музика, стилизиран и обработен фолклор, дела посебно напишани за мандолински оркестри, композиции од македонски автори, како и композиции за деца. За тоа бил добитник на многу први, специјални награди на престижни фестивали и натпревари надвор од Македонија, како и на Гран при награди освоени во Имотски и Москва.