Гламур со валцер: Народ и елита се измешаа на Виенскиот бал во Скопје


Народ и елита, дипломати и бизнисмени се измешаа синоќа на Виенскиот бал во Скопје, под засилено полициско обезбедување. Највисокиот државен врв беше отсутен, беа приметени само претставници од пониските ешалони на владата. Три сали во хотелот “Александар палас” беа преполни, не можеше да се дише. Што од турканица, што од парфеми.

Нашиот народ сака балски фустани и смокинзи. Дамите годинава избраа претежно црни тоалети иако беа присутни и други бои. Мажите костуми со пеперутка-машна но посигурно се чувствуваат во кравати. Сака една вечер да го живее стилот на Виена-со захер торта, шампањско, бечка шницла и да изигра валцер на музиката на Штраус ,наместо оро. Нашиот народ сака да се опушти на раат, да касне на раат, да заигра на раат ,особено кога нема политичари, кога тој е во центарот на вниманието.

Паркингот пред хотелот личи на манифестацијата: бираме автомобил на годината. Гостите на влезот се опуштаат на коктел-прием со шампањско, како увертира за виенскиот бал. Фоајето на “Александар палас” е накитено, со класична музика во живо. Набргу се отвараат трите сали на „Алекасандар палас“. Балот може да почне…

Професионалниот оркестар „Јохан Штраус“музицираше под диригенство на Бисера Чадловска. Танцовиот клуб „Прима Данца беше задолжен за танцовите точки, а магијата на балетските точки на сцената на Балот ја донесоа првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски.

Петар Ренџов и „Тумбао салса бенд“, мајстори на живата свирка, го преполнија подиумот и предизвикаа восхит во салата. Доцна во ноќта, публиката танцуваше и уживаше и во настапот на еден од најмоќните вокали на нашата поп-рок сцена, Нина Јанева, која настапи во придружба на „2Ексит“ и виртузот на сакасафон, Горан Папаз.

Виенскиот бал во Скопје е во организација на Здружението за културна соработка „Јохан Штраус” и под покровитество на амбасадата на Република Австрија во Македонија. Благодарение на овој настан, Скопје по 19-ти пат, беше дел од австриската балска култура. Годинава, дел од средствата од влезниците, ќе бидат наменети за граѓанска организација на лица со и без хендикеп, која работи на суштинско поврзување и целосно остварување на основните човекови права и слободи на лицата со хендикеп „Полио плус“.

Балот, четврта година по ред, ја водеше Јована Стојменовиќ, облечена во балски фустан на дизајнерката Антонија Ристовска.

Л.Сабит