Ги вади ли претходната власт парите од Македонија?


Високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ почнале да ги вадат парите од Македонија. Оваа дилема ја отвори српскиот опозиционер Вук Јеремиќ, изјавувајќи дека луѓе блиски до поранешниот премиер Никола Груевски прават напори да ги извлечат парите што ги стекнале преку корумпираниот начин на владеење и дека за тоа добиле помош од српските власти.

Јеремиќ во изјавата за медиумите тврди дека продажбата на фабриката „14 Октомври“ во Србија е дел од шемата за извлекување валкани пари од Македонија. И обвини дека во тоа директно е вмешан братучедот на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков.

– Луѓето од тој режим, а во прв ред Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција и десна рака на Груевски, панично тргнаа да ги извлекуваат парите стекнати со корупција во Македонија и да ги пласираат со разни шеми, преку „Рајски острови“, Холандија, а во случајот со купување на фабриката „14 Октомври“ од Крушевац преку Чешка – изјави Јеремиќ. Според него, веќе се води меѓународна истрага за Мијалков и за други лица од поранешниот државен врв. Покрај Србија, има информации дека пари преку инвестиции се пренесуваат и во Русија.

Ваквите наводи според експертите треба да го вклучат на најсилно алармот кај надлежните институции. Приливите и одливите на пари од Македонија во овој момент мора да се следат будно затоа што е можно да се извадат милијарди евра валкани пари, кои се стекнати во изминатите десетина години.

– Не знам дали тоа се пари од Македонија, но тоа треба да го истражат надлежните органи. Секогаш има приливи и одливи, но институциите треба да следат дали се регуларни или не и од кого се. Јасно е дека поранешната владејачка структура заглави до гуша во корупција, многу криминали излегоа на површина, тоа и на врапците им е јасно – оценува Петар Гошев, поранешниот гувернер на Народната банка на Македонија. Тој потенцира дека сега има нова власт и таа треба да дејствува.

– Изјави може да има секакви, точни или неточни, политички дозирани и мотивирани, но едноставно треба да се истражи тоа – вели Гошев и посочува дека информацијата сепак доаѓа од Вук Јеремиќ, кој исто така е политичар и не е кој било, односно познат е во Србија и пошироко.

Поранешниот гувернер исто така тврди дека не може да се направи реална проценка колку пари може на ваков начин да се извлечат од Македонија.

– Регуларните приливи и одливи се евидентирани преку банкарскиот систем, тоа може да се види лесно. Но кои пари се нерегуларно одлеани надвор од земјата не може да се процени без конкретна истрага од истражните органи – објаснува Гошев.
Поранешниот министер за финансии Џевдат Хајредини, пак, вели дека информациите што ги објави Јеремиќ ги потврдуваат само наводите за кои подолго време слушаме, а тоа е дека Мијалков преку своите бизниси ги сели парите од Македонија.

– Индикативно е тоа што чешка компанија ја купила фабриката „14 Октомври“ во Крушевац, со оглед на тоа што е општо познато дека Мијалков има развиени бизниси во Чешка и сега оттаму парите се селат во Србија, согласно информациите на Јеремиќ. Ова е индикатор што може да ги потврди сомневањата – вели Хајредини.

Тој објаснува дека подземните канали на Балканот функционираат, а сите информации што доаѓаат од Западот се дека сите поранешни, па и сегашни раководства во Албанија, Србија, Македонија, Косово, Црна Гора и Босна се вплеткани во криминал и корупција.

– Шемата на вадење на парите, регистрирање нови фирми, купување домашни и странски бизниси е многу комплицирана и не може точно да се пресмета за колкава сума станува збор, но сигурно тоа не се стотина милиони. Може да се извлечат милијарди евра – објаснува Хајредини.

На наводите на Јеремиќ експресно реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Преку соопштение опозициската партија тврди дека ниту претседателот Никола Груевски ниту Сашо Мијалков не извлекуваат пари од Македонија за да купуваат фирми во Србија. Но во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту збор за изјавите на српскиот политичар Вук Јеремиќ, кој беше цитиран од македонските медиуми.
– Зоран Заев и СДСМ имаат потреба да ја дефокусираат јавноста со секакви манипулации за да го сокријат срамот што граѓаните секојдневно го гледаат. За да ги сокријат сите антидржавни политики, медиумите под контрола на СДСМ имаат потреба без да ја проверат точноста на информациите да пренесуваат интервјуа од соседни земји чија намена е внатреполитичка пресметка. Изнесените наводи во интервјуто што го пренесуваат порталите блиски до СДСМ се целосно неточни и најостро ги демантираме – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Александра Спасевска