Гиш за „Независен“: Кај ни е иднината ако не во Европа


– Соочен со избор, самиот правиш избори, вели македонскиот поет и естраден уметник Сашо Гигов-Гиш кој деновиве е топ-тема на социјалните мрежи откако на „Јутјуб“ беше промовирана наменската песна за поддршка на референдумот во која и тој учествува. Познатиот уметник кој учествуваше во речиси сите поголеми кампањи на претходната владејачка гарнитура сега прифати да пее за европска Македонија.

– Ми се јави мојот драг пријател, пејачот Арбен – Бени Шаќири и ме праша дали сакам да учествувам во спотот. Ми ја пушти песната. Ми се допадна и прифатив. Како секој нормален човек, иднината на Македонија ја гледам во Европа. Нема никаква политичка заднина, туку во прашање е здравиот разум. Тоа е мојот личен избор и перцепција, ни изјави Гиш.

Гиш, кој е новинар-уредник на ноќната програма во Македонското радио, ги покажа своите вокални способности со песната „Самовилска свадба“, која за влакно не беше избрана за песна за „Евровизија“ во далечната 1998 година, туку во Бирмингем, Англија отпатува „Не зори зоро“ на Владо Јаневски. Претходно својата популарност Гиш ја достигна со песната „Моја гитаро“ од 1992 испеана на „Макфест“, која стана голем хит.

Вели, има во план многу проекти, ама е рано да ги открива.

Неговото бомбастично враќање на сцената беше проследено и со нов имиџ, скратена коса и наместо брада, мустаќи.

-По десет години се избричив и се ишишав. Едноставно ми се стемни, па ја направив промената за да ми се раздени, на шега го коментираше Гиш својот нов изглед.

Во музичкиот спот каде што повеќе македонски пејачи и актери порачуваат дека е време за мудар избор, покрај Гиш партиципираше и Владо Јаневски, кој исто така претходно беше редовен избор на ВМРО-ДПМНЕ за нивните собири. Во проектот се вклучени и: сестрите Тијана Дапчевиќ и Тамара Тодевска, Бени Шаќири, Златко Ориѓански, Виолета Томовска, Ѓоко Танески, поранешниот директор на МНТ, Драган Спасов-Дац, Дани, Викторија Лоба, Бубо Каров, Дарио, Кристина Арнаудова, Александар Митевски…

Л. Сабит