Германското обвинителство ќе одлучува за екстрадицијата на Пуџдемон


Германската полиција го уапси денеска поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон на територијата на провинцијата Шлезвиг-Холштајн, баран од шпанската полиција под обвинение за поттикнување на бунт. Обвинителството ќе одлучи за неговата екстрадиција, изјави портпаролот на полицијата.

Пуџдемон бил уапсен на автопатот број 7, во близина на границата со Данска, додека патувал со автомобил на југ, на пат од Финска кон Белгија.

Тој во моментов е во полициска станица и неговата правна заштита е веќе во тек, посочи полицијата.

Основа за негово притворање во Германија е Европски налог за апсење. Таквата наредба ја издава земја на ЕУ и важи за сите други члеnки на Унијата. Одделни земји сепак имаат можност да го одбијат барањето за екстрадиција, доколку, на пример, делото за кое се товари не е кривично дело и во двете земји.

Вообичаено, одлуката за апсење и екстрадиција се носи следниот ден по апсењето.

Списанието „Фокус” наведува дека по целиот пат од Финска, каде беше на 22 и 23 март, Пуџдемон бил следен од шпанските специјални служби. Тие само им сигнализирале на германските власти кога каталонскиот политичар ја преминал германско-данската граница.