Германскиот советник ќе дојде до крајот на годинава


Испраќање економски советник од Германија и формирање управувачки комитетот меѓу двете земји се двата чекори што ќе се преземат во напорите за зајакнување на екомската соработка, но и во обидите на Берлин да и помогне на Македонија да се адаптира кон условите, кои владеат во ЕУ. За ова било разговарано на вчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел, која беше во прва посета на земјава.

Заев очекува германскиот економски советник да пристигне до крајот на годината. Тој напомена дека во разговорите со Меркел, освен за референдумот и претстојните процеси на интеграција во ЕУ, акцент бил ставен и на економијата.

– Со канцеларката Меркел покрај тоа што зборувавме за референдумот, неговата успешност, процесите во интергацијата на ЕУ, зборувавме за економијата, за дуалното образование, за странските инвестиции од Германија. Темата беше економијата и беше дадено одобрение од германската Влада за формирање на Управувачкиот комитет, кој ќе се фокусира на економијата, појасни Заев.

Нагласи дека интересот е взаемен и потсети дека трговската размена меѓу двете земји изнесува 3,6 милијарди долари годишно, од кои 2,7 се извоз или 47 отсто од македонскиот извоз оди за Германија. Проекциите за 2018 година, додаде Заев, се да стигнеме до четири милијарди долари, со надеж дека може да се оди и повеќе од тоа.

– Сакам да му се заблагодарам на Тео Вајгел, кој и служел на претходната Влада и на таа претходно, пријател на Македонија, помагал искрено и сега ќе дојде експерт, кој многу ќе помогне во делот на преадаптација, преквалификација на нашите граѓани за да можат полесно да најдат достоинствена и квалификувана работа, рече Заев.

Вицепремирот за економски прашања Кочо Анѓушев појасни дека управувачкиот комитет е тело, кое ќе биде составено од членови на владите на двете земји на највисоко ниво. Целта е, како што појасни, да се овозможи директно, без голема администрација и бирократија, воспоставување на соработка за тоа како Германија може да и помогне на земјава во делот на обезбедување грантови, кредити и проекти.