Генералка во Скопје


Ќе се чисти Скопје. Парковите, улиците и тротоарите ќе видат метла и вода, а Градот Скопје и јавните претпријатија ангажирале дополнително уште 110 лица. Градоначалникот Петре Шилегов вчера најави дека генералка ќе се прави во сите општини и апелираше до граѓаните и тие да дадат свој придонес и да бидат поодговорни кон околината.

„Граѓаните јасно бараат од нас градот да биде почист. Но и придонесот на секој граѓанин ни е важен. Ако сакаме градот да ни биде поубав, секој од нас треба да покаже повисок степен на грижа за хигиената во средината каде што живее“ рече денеска Шилегов.

Акцијата вчера почна од општината Ѓорче Петров, со чистење на паркот, улиците „Ѓорче Петров“, „4.Јули“ и „Социјалистичка зора“, а ќе продолжи на другите улици. Следните недели ќе се чисти во Карпош, Центар и во Аеродром….. Ангажирани се „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, во соработка со општинските служби.

Целта, според Шилегов е градот да биде чист во пресрет на зимата.

„Нашата задача е овие акции да ги спроведуваме секојдневно, а граѓаните да ни помагаат. Да ја дочекаме зимата со чисти улици и со помалку прашина, тоа ќе значи и помало загадување на воздухот. Секој да го даде својот придонес местото каде што живееме, работиме, учиме, да биде уште поубаво, а Скопје да биде град за пример,“ рече Шилегов. (С.Н.)