„Генералка“ во Карпош


На подрачје на општина Карпош се спроведува голема еколошка акција за чистење на зеленилото на јавните површини меѓу зградите, т.н блоковско зеленило. Комуналните служби на Општината, во соработка со ЈП „Паркови и зеленило“ во наредните денови интензивно ќе го чистат отпадот низ населбите.

Денеска, на вториот ден од оваа целонеделна еко – акција во Карпош, присуствуваа градоначалникот на Општината Стефан Богоев, претседателката на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева и директорот на ЈП „Паркови и зеленило Ардијан Муча.

Градоначалникот на Карпош Стефан Богоев посочи дека оваа акција е само вовед, односно најава за почеток на т.н. „зелената офанзива“ која ќе се случи веќе на пролет.

„Целта е темелно да го исчистиме Карпош и да се подготвиме за вистинско разеленување на Општината на пролет. Тоа значи оплеменување на неуредените зелени површини меѓу зградите, засадување нови садници и цвеќиња, како и поставување на урбана опрема која ќе овозможи поголема атрактивност и удобност за сите граѓани. За таа цел и комуналните служби на Општина Карпош работат со уште поголем интензитет за тековно одржување на хигиената и чистотата во Општината“, изјави Богоев.

Инаку, акцијата во Карпош е продолжение на големата акција за чистење на Градот. Изминатиот месец, генерално чистење се спроведе во Чаир, Бутел и во Шуто Оризари.