Гвинет Палтроу: Вајнстин лаже дека спиел со мене


САД- Поминати се речиси дваесет години откако Гвинет Палтроу наводно одбила масажа од Харви Вајнстин, но дури неодамна актерката дозна дека бесрамниот филмски продуцент го употребувал нејзиното име за да намами жени во неговиот кревет.

Палтроу изјави за „Њујорк тајмс“ дека дознала како Вајнстин се фалел дека спиел со неа, со надеж дека ќе ги убеди жените да ги прифатат неговите сексуални додворувања. Оваа нова информација беше откриена во статија на „Тајмс“ објавена во вторникот, во која се разоткрива како обвиненијата за злоупотреба биле прикривани во изминатите години.

„Тој не е првиот што излажал дека спиел со некого, но тој ја искористувал лагата како средство за напад“, изјави Палтроу за весникот.

Во случајот на Палтроу, таа имала 22 години и отишла во неговата хотелска соба во Беверли Хилс на состанок. Таму тој почнал да ја допира и ја поканил во спалната соба на масажа, според нејзината сторија во „Тајмс“.

Палтроу одбила и подоцна му кажала на нејзиното тогашно момче Бред Пит, кој отишол да се конфронтира со Вајнстин – чекор поради кој Вајнстин подоцна ја критикувал Палтроу. Таа му кажала на нејзиниот агент во агенцијата „Криејтив артист“ за случката, но агентот не ја охрабрил да го пријави Вајнстин на челниците во компанијата.

Таа е добитник на „Оскар“ во 1999 за улогата во „Shakespeare in Love“, кој е продуциран во студиото „Мирамакс“ на Вајнстин.