Гвардиола ќе ги одмара главните играчи за дербито со Јунајтед


Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола призна дека ќе даде пауза на повеќето од главните играчи во саботното дерби со градскиот ривал Манчестер Јунајтед. Иако при успех на „Етихад“, „граѓаните“ ќе триумфираат предвремено со шампионска титула во Премиер лигата, менаџерот на Сити изјави дека во моментов приоритет се двата натпревари со Ливерпул од четвртфиналето во Лигата на шампионите.

– Се разбира, сакам да победам дома против Јунајтед, но мораме да имаме во предвид дека само три дена подоцна ќе играме против Ливерпул. Од друга страна, самиот судир со Јунајтед е само три дена по првиот натпревар во Лигата на шампионите, па ќе имаме многу малку време за обновување, прокоментира Гвардиола.

Каталонецот изјави сепак дека и играчите кои не добиваат толку многу минути во текот на сезоната се исклучително мотивирани да победат.

– Ние сме во оваа позиција сега, бидејќи секој фудбалер придонесува. Жал ми е, но како менаџер токму сега целото мое внимание е насочено кон нашите натпревари со Ливерпул во ЛШ, додаде Шпанецот.