Гвардиола нема да го сопира Артета, при понуда од Арсенал


Менаџерот на Манчестер Сити Пеп Гвардиола изјави дека би разбрал ако Микел Артета биде избран за тренер на Арсенал, но надежите му се дека Баскиецот ќе остане кај шампионите на Премиер лигата и двајцата ќе продолжат со заедничката работа.

Артета е асистент на Гвардиола од 2016-та година, но во некои медиуми е посочуван како совршен заменик на Арсен Венгер, кој ги напушта „топџиите“ по 22 години на функцијата.

– Придонесот на Микел за добрите резултати е неверојатно голем. Ние работиме заедно толку добро и ако остане кај нас, тоа ќе ме направи најсреќниот човек на светот. Ако одлучи да си замине, бидејќи има таков предлог, нема да го сопирам да си оди. Го сакам најдоброто за моите пријатели. Ќе бидам навистина тажен, но ќе ја разберам неговата позиција. Тоа е негова кариера и живот, но се надеваме дека тој може да остане и да го заврши она што го започнавме, изјави Гвардиола.

Артета има 150 натпревари за Арсенал под водство на Венгер во периодот од 2011-та до 2016-та година.