Гвардиола: Манчестер Сити се уште не e како Барса


Манчестер Сити доминира оваа сезона во Премиер лигата и прикажува одлична игра, но се уште не може да се споредува со Барселона, вели менаџерот на „граѓаните“ – Пеп Гвардиола.
Тој смета дека „небесно сините“ треба да поминат долг пат пред да можат да бидат споредени со каталонците кои доминираа под негово раководство и ја освоија Лигата на шампионите во 2009 и 2011 година.
– Не, не сме на исто ниво. Зборуваме за сосема различни играчи. Успесите тука претходно беа постигнати од други фудбалери. Повеќето во тимот се нови. Веќе освоивме еден трофеј, но се уште нема место за споредби, рече Гвардиола.
Каталонецот вели дека се радува оти неговиот актуелен тим е споредуван со тимот на Барселона, кој доминираше во текот на 15-20 години со различни играчи и тренери.
– Секоја година тие заработуваат по неколку признанија, додека ние дури сега го зедовме првиот трофеј. Тоа е, додаде тренерот, чиј тим утре го пречекува Базел во протоколарен реванш од Лигата на шампионите, откако го освои првиот натпревар со 4:0.
Според Пеп, иако работите одат добро за тимот, сепак, треба да се зачува мирот.
– Близу сме до титулата во Премиер лигата, едноставно ни требаат уште четири победи. Покрај тоа, речиси се квалификувавме за четвртфиналето во Лигата на шампионите, нема што да се лажеме. Меѓутоа, потребно е да го зачуваме спокојството, што е многу важно во спортот, смета тренерот на Сити.