Гаши: Премиерот треба да избере меѓу двете крила на Беса


Пратеникот Африм Гаши, кој го предводи едното крило на Беса, денеска изјави дека се на чекор до влез во Владата и ако тоа навистина се случи токму тие ќе бидат будното око на Владата, особено во делот на корупцијата.

Гаши потврдува дека имале неколку средби со премиерот Зоран Заев, но вели дека премиерот го има последниот збор и дека треба да избере меѓу двете крила на Беса.

 – Мислам дека на премиерот не му треба надворешни проблеми да влезат во Владата. Мислам дека тој треба да избере помеѓу двете крила на Беса, рече пратеникот одговарајќи на новинарско прашање дали е можно двете крила на партијата да влезат во составот на Владата.
Тврди дека не разговарале за министерско место во правда, потенцирајќи дека тие имаат кадри за сите институции.
Пратеникот Гаши присуствуваше на денешната средба со еврокомесарот Хан на предавањето на Извештајот и кажа дека тој им ја пренел убавата вест за препораката, и оти иако во опозиција Беса дала максимум за тоа да се случи. Добивањето датум во јуни, за него е добар знак за државата.
Во однос на прашањето за името, вели дека тие се за достоинствено решение, што нема да задира во идентитетот на Македонците.
– Согласни сме со референдум, ако дојде до таков договор може да се смени и Уставот, но важно е тоа да не задира во идентитетот на Македонците, рече Гаши.
Тој го предводи крилото во кое се и пратениците Неџбедин Каремани и Реџеп Мемеди, додека во крилото на Билал Касами се пратениците Фадил Зендели и Теута Биљали.