Гаши и Тачи на пат да формираат пратеничка група


Битката меѓу скопското и тетовското крило на Беса ќе продолжи и по нивните конгреси. Откако скопското крило со мнозинство гласови го избра Африм Гаши за нов лидер на движење Беса, со реакција се јави тетовската фракција на оваа партија, односно делот што е контролиран од Билал Касами. За нив, одржаниот конгрес на Гаши не е ништо повеќе од чиста фарса и истата не е во склоп со партискиот статут и затоа е илегален.

„За да бидеме коректни кон членовите и гласачите на движењето Беса, ве информираме дека организираниот собир, кој е прикажан како партиски конгрес, нема ниту една допирна точка со движењето Беса и нејзините легални и легитимни структури. Тој собир повеќе наликуваше на конгрес на организации кои се под иста капа и кои се менаџираат од две или три лица, кои требаше да изберат кој од нив е попослушен. Доволно е да се види општата слика за тоа кој од присутните седеше во првиот ред, а кој во заднина, и од ова може слободно да се заклучи дека таа група на организации претставува само еден центар која не само што нема врска со Беса, туку нема допирна точка ниту со Албанците“, стои во реакцијата на Беса од Тетово. Истовремено крилото на Касами го потврди учеството на 505 делегати за најавениот конгрес на 24 февруари во Скопје.

Сепак, новоизбраниот лидер на скопското Беса, Африм Гаши, нема намера така лесно да се откаже од партијата и најави дека дури по цена да отвори нова партија, тој нема намера да отстапи. Гаши рече дека се сретнал со премиерот Зоран Заев пред конгресот, а по него треба да започнат преговорите за вклучување на Беса во владиниот кабинет.

„Да, имавме средби со премиерот. Преговори немаше бидејќи прво требаше да заврши партискиот конгрес за да има кој да преземе одговорност за таа одлука. Ние ќе бидеме дел од Владата само како движење Беса, како наша политичка партија, и така ќе ги започнеме преговорите со премиерот. Ние немаме предрасуди кон другите политички партии бидејќи внатре е ДУИ со која денес имаме дијаметрално спротивни ставови. Во ваков чувствителен период за Македонија, кога земјата треба да го реши спорот околу името со Грција и да стане дел од НАТО и ЕУ, можеби треба да ја подадеме раката за соработка со Владата“, изјави Африм Гаши.

Гаши во наредниот период ќе иницира средби и со лидерите на другите политички партии со цел во реалност да ја спроведе политиката за кооперативност и отвореност.
„Партиските лидери се среќаваат и зад кулисите, но ние сме на став дека оваа комуникација треба да биде отворена, значи со отворени врати. Преку овој потег ќе се релаксира политичката сцена и јавниот амбиент“, изјави Гаши.

Не е исклучена можноста крилото на Гаши да оформи парламентарна група со ДПА. Присуството на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, на конгресот во Тетово само ги подгреа овие шпекулации според кои Реџеп Мемеди, Неџмедин Кахремани заедно со Гаши ќе и се придружат на пратеничката група на ДПА која има двајца парламентарци. Со тоа би оформиле нова петчлена пратеничка група. Истите извори додаваат дека следната фаза подразбира преговори со премиерот Зоран Заев за оваа група да се приклучи конечно кон парламентарното мнозинство.

Блерим Исмаили