Гасовод по сртот на Водно – се подготвува уште еден удар за планината над Скопје
До 25 хектари шума може да се уништат ако се гради планираниот гасовод низ парк-шумата Водно и тоа по сртот на планината. Трасата на овој гасовод, кој треба да го заобиколи Скопје, започнува под Сончев град, се движи по сртот на Водно, под Милениумскиот крст, преку Матка до селото Шишево, делумно по пошумен, делумно по карпест терен.
Граѓански организации вчера предупредија дека се против изборот на оваа линија за изградба, и дека нивниот став е конечен, особено што во физибилити-студијата, изработена во 2010 година, се предложени повеќе алтернативни траси. Според екологистите, северните траси, кои би поминувале покрај скопската обиколница, се подобриот избор за изградба на гасоводната линија. Образложението дека тие се избегнуваат заради пресекување на водоводните линии од Рашче кон Скопје, за нив е неиздржано, бидејќи и планираниот гасоводен крак за Косово го прави токму тоа. Овој факт, според нив, е потврда дека изборот на трасата низ парк-шума Водно е неоправдан.
Од тие причини најавија дека очекуваат институциите да се согласат со нивниот став, а доколку има потреба Водно ќе го бранат и со протести. Во моментов на Водно нема активности ниту, пак, е започнат ископот откако во март планинари и рекреативци објавија фотографии на градежна механизација како го подготвува теренот.
Изборот на конечната траса за гасоводот ќе се договара во работна група во Владата, во која има претставници од Македонски енергетски ресурси (МЕР), Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје и невладините организации. Од Владата вчера информираа дека во моментов течат финални консултации за проектот за гасификација, а наскоро ќе се знае и конечното решение.
„Во моментов течат финални консултации во Владата за гасоводот што е планиран да поминува низ Водно. Главната цел и планираниот ефект од еколошкиот проект за гасификација е заштитата на животната средина. Затоа, наследената состојба со проектот се менаџира во насока на минимизирање и превенирање какви било промени и нарушувања на природата. За сите одлуки јавноста ќе биде благовремено известена“, соопштија од Владата.
Девет еколошки организации предупредуваат дека изборот на оваа гасоводна траса е опасност за загрозени, ретки и ендемски видови растенија и се заканува да ги наруши природните живеалишта на животните. Тие посочуваат дека и Градот Скопје лани во декември од МЕР барал да се преиспита трасата на гасоводот, да се изготви нова оцена на влијание врз животната средина, како и да се повтори постапката за добивање на потребната документација за изградба на таа делница на гасоводот.
„Трасата на гасоводот, 11 километри по Водно, би поминала низ четири километри високостеблеста шума, даб, габер и црн бор, со ширина помеѓу 25 и 10 метри, што претставува од 4 до 10 хектари шума. Таа би ги уништила живеалиштата на значајни видови, од кои еден е ендемичен скакулец кој живее само на Водно, потоа растението Fritillaria gussichiae, кое има меѓународен статус на заштита и се наоѓа на Светската црвена листа на видови кои исчезнуваат, како и на неколку ретки и значајни видови печурки. Дел од трасата поминува низ строго заштитена зона, според ревалоризацијата на парк-шумата Водно, која носи повисок степен на заштита. Минирањето на камењарите и тревестите делови, т.н. голи појаси на трасата, би уништило голем биодиверзитет и ретки видови со кои обилуваат“, вели Андреа Јанков, активист на „Го сакам Водно“.
Трасата на гасоводот во парк-шумата започнува од јужната страна од Сопиште, кон врвот на Водно, паралелно со пешачката патека кон бункерите минува низ шума, до Бел Камен, од каде што се спушта кон селото Шишево. Ова, според Јанков, е една од поомилените рекреативни зони на скопјани, патеката кон бункерите води низ борова шума со дебела сенка, над која има потесни козји патеки. Со изведба на трасата, наместо шума тука би се појавил соголен срт.
Екологистите се залагаат да се избере едно од алтернативните решенија кое поминува од северната страна на Скопје. Тие се против и предлогот за стеснување на трасата на Водно од 25 на 10 или 15 метри, бидејќи на тој начин би се излегло од рамките на проектот и од стандардите на изградбата, што според нив може да значи и нарушување на безбедноста.
„Во студијата за оцена на влијанието врз животната средина на проектот се наведува дека избраната траса бара минимална експропријација, но тоа не смее никогаш да биде причина за избор на траса, особено кога тоа значи градење низ заштитено подрачје“, велат екологистите.
Во целата оваа расправа никој не споменува колку ќе чини изградбата на гасоводот по северниот рамничарски дел, а колку извонредно комплицираниот потфат по сртот на Водно. Како тоа да е најмалку важно. Дали со гасоводот на Водно ќе му се зададе последниот завршен удар, останува да се види.
Сања Наумовска