Газдата на плацот кај Мајчин дом уште две години нема да гради


Во наредниве две години пред Мајчин дом нема да никне ниту зграда, ниту хотел, ниту трговски центар. И покрај геомеханичките испитувања на терен што се вршат веќе неколку дена, сопственикот на парцелата вели дека нема намера во скоро време да почне со градежни активности. Впрочем, уште немал побарано, а камоли обезбедено дозвола за градба.

„Најмалку во наредниве две години не планираме да почнеме да градиме. Влезени сме во други инвестиции. А, тоа што почнавме да го испитуваме теренот е чисто дел од постапка која трае долг временски период и ќе ни треба во процедурата при обезбедување градежна дозвола. За тоа, потоа, далеку сме од поднесување барање за градежна дозвола“, вели во изјава за „Независен весник“, Фатмир Етеми, сопственик на ЗСФКОМ, компанија од областа на архитектурата и градежништвото, која од неодамна го купила плацот. Етеми вели дека земјата ја купиле пред неколку месеци, на лицитација од Комерцијална банка. Не е засегнат од реакциите во дел од јавноста околу најавената изградба на посочената локација, која беше актуелна во предизборието.

„Знам дека имаше нешто, но нас тоа не нѐ интересира. Урбанистичкиот план е донесен, градежната парцела има маркица, што нам ни е битно, а дали и кој и на каков начин го донел ДУП, не е наша работа“, додава Етеми.

Токму тоа парче земја беше една од причините за вербални пресметки во предизборието помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, односно тогашниот градоначалник Ивица Коневски и неговиот противкандидат Златко Марин, сегашниот градоначалник на Аеродром.

Од СДСМ, тогашната опозиција во Општина Аеродром, обвинуваа дека  општинското раководство планира да донесе (што во меѓувреме и го стори) урбанистичкиот план за тој реон на нетранспарентен начин, при што ќе се остваруваат лични и бизнис-интереси, наспроти потребите на граѓаните. Имаше стотици револтирани граѓани кои организираа и протести. Во меѓувреме, Општината го усвои планот и со него на посочената локација се предвиде изградба на деветкатница. Залудни останаа повиците на СДСМ, Коневски да го поништи ДУП.

„Овде е јасно дека станува збор за нов удар на градежната мафија во Аеродром. Ваквите градби од бизнис-интерес на власта на ВМРО-ДПМНЕ и Коневски се вистинска еколошка катастрофа за Аеродром. Бараме итно повлекување на ДУП и заштита на интересот на граѓаните и нивното право на чист воздух“, реагираа залудно од опозицијата и револтирани аеродромци.

 

Марин: Немоќен сум да ја стопирам градбата

Градоначалникот Златко Марин вели дека е немоќен да ја запре изградбата на деветкатницата. Впрочем, таа практично не е започната ниту, пак, сопственикот побарал дозвола за градба, но свесен е дека ќе дојде и тој момент.

„Парцелата е приватна сопственост и сопственикот има право самостојно да врши истражување на земјиштето, кое трае веќе неколку дена. Општината досега нема добиено никакво барање во однос на таа парцела од страна на сопственикот. Во моментов ги разгледуваме сите можни правни механизми за излез од оваа ситуација и наскоро ќе излеземе со повеќе информации во јавност“, ни изјави Марин. Појасни дека евентуално изградбата би се спречила само со поништување на ДУП, конкретно со бришење на маркицата. Но, во тој случај, повеќе од јасно е дека Општината би требало да му плати на сопственикот на земјата милионски суми, што е апсолутно неприфатливо.

 

Со фудбал до позелен Аеродром“ и спас на парцелата

Од вчера преку социјалните мрежи револтирани аеродромци се организираат да го искажат револтот од планираната изградба на зграда во зеленилото пред Мајчин дом. За 9 март е најавен настан „Со фудбал до позелен Аеродром“.

„Забава после работа за сите оние што навистина се грижат за својата општина. Идејата е преку фудбал да го изразиме нашиот револт против уништувањето на зеленилото пред Мајчин дом. Добредојдени се сите што сакаат почиста и позелена општина“, стои во најавата за собирот.

Деспина Трајковска-Димова

Фото: Б.Грданоски