В недела ќе се трча „Виз Ер Скопски маратон“: Рекорден број на учесници од рекорден број земји по нови рекорди


Рекорден број на натпреварувачи од рекорден број на земји. Сечија желба на стартот е минување на трката, а потоа и што подобро време низ улиците на главниот град. Организаторите посакуваат рекорди и подобри времиња на домашните претставници. В недела се трча ново издание на „Виз Ер Скопски маратон“. Почетокот на манифестацијата што го вбројува главниот град на светската атлетска мапа е во 08.30 часот (маратон и полумаратон) на плоштадот „Македонија“, десет минути подоцна ќе тргнат и пријавените во штафетниот маратон и во трката на пет километри. Лански победници беа Кениецот Кипретич Кируи (2:12:59 часа) и неговата сонародничка Стела Јепнгетич Барсосио (2:33:42 часа) чие време претставува и рекорд на патеката кај дамите.

„Сакавме да урнеме рекорд по бројот на учесници и успеавме. Ќе имаме околу 10.000. Сакавме да урнеме рекорд и по бројот на држави кои ќе имаат свои претставници на Скопскиот маратон и успеавме. Ќе имаме натпреварувачи од 58 земји. Се надеваме дека ќе имаме прилика да поздравиме и нови рекордни времиња“, ни изјави Кире Синадиновски, директор на „Виз Ер Скопски маратон“, кој апелира до скопјани да излезат во што поголем број и да дадат поддршка на тркачите, а притоа најави и низа забавни содржини.

„Долж патеката ќе има низа забавни содржини за гледачите. Зацртани се 15-16 точки со музика, со диџеи, со перформанси на групи. И оваа година остануваат конкурсите за најдобра фотографија и најдобар транспарент, а достапна ќе биде мобилна апликација за следење на свој фавори за време на трката“, додаде Синадиновски.

Како македонски машки адути за маратонот овојпат се издвојуваат Кокан Ајановски, Александар Кираџиев, кај дамите се Адријана Поп Арсова и Весна Кираџиева и Дарио Ивановски во полумаратон.

„Неблагодарно е да истакнам време за кое би истрчала на Скопски маратон. Имам план ама,  сепак, се 42 километра и никогаш не можете да го знаете исходот. Многу работи може да тргнат наопаку, во ништо не можете да бидете сигурни. Ќе видиме на лице место. Ако веќе морам да лицитирам со резултат, би била задоволна доколку успеам за, отприлика, три часа да го истрчам маратонот“, ни порача Адријана Поп Арсова, сопственичка на државните рекорди во маратон, во полумаратон и во трките на 10 километри, која е меѓу македонските адути во недела.

Сашко Ѓ. Димовски

Тројца спортски новинари меѓу полумаратонците

Меѓу пријавените за полумаратонската трка во недела се и тројца спортски новинари. Честа на „седмата сила“ низ улиците на главниот град ќе ја бранат колегите Горан Бошев, Марјан Ников и Дејан Михајловски. Сите најавуваат дека се подготвени за предизвикот и изразуваат надеж за успешно совладување на патеката.

Учесници и Бејли, Ромео, Тевдовски, Манчевски, Самак, Шеќеринска

Меѓу пријавените учесници за неделниот „Виз Ер Скопки маратон“ и членови на дипломатскиот кор во Македонија, но и сегашни и поранешни министри. Предизвикот го прифатија американскиот амбасадор во земјава, Џес Бејли и неговиот италијански колега, Карло Ромео кои ќе трчаат полумаратон низ улиците на главниот град.

На скопскиот асфалт ќе се пробаат и Драган Тевдовски, министер за финансии во Владата на Македонија и Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација и Веле Самак, екс министер за странски инвестиции. Сите тројца ќе бидат во полумаратонската конкуренција. Во трката на пет километри ќе учествува и Радмила Шеќерински, актуелна министерка за одбрана.