Вучиќ го враќа еднопартизмот


По извонредно валканата и негативна кампања против опозицијата пред изборите, власта во Србија е на добар пат да ја оствари својата главна цел: враќање на еднопартиски систем. Добар дел од вината за победата на Српската напредна партија на локалните избори во Белград има и самата опозиција, која најпрво прифати да се натпреварува во такви услови, а потоа на изборите тргна во повеќе колони. Патем, опозицијата во текот на целата кампања најголемиот дел од времето го мина во меѓусебни пресметки, што веројатно влијаеше и врз конечниот резултат. Во конечната пресметка, само четири листи го минаа цензусот во Белград.

Само две опозициски листи влегуваат во белградскиот парламент, но тие се предводени од политичари кои застанаа на чело на групи граѓани. Всушност, ниту една опозициска политичка партија не успеа да го мине цензусот за влез во градскиот парламент

„Тоа за мене е доволно шокантно. Бидејќи овие две листи што го минаа цензусот, всушност, се групи граѓани. Ѓилас е само име, како и Шапиќ“, вели новинарот Срѓан Шкоро.
„Верувам дека ова е доволно отрезнување за сите, а доколку ги погледнете бројките, ќе видите дека листата на Драган Ѓилас, кој е наводно задоволен од резултатите, доби далеку помалку од она што го добија Саша Јанковиќ и Вук Јеремиќ заедно на минатите избори“.

Како особено шокантен за Шкоро е резултатот на владејачката СНС, имајќи ги предвид условите за живот, влошениот животен стандард, сиромаштијата и општата обесправеност.Партијата на Александар Вучиќ однесе убедлива победа на локалните избори во Белград.Поделеноста на опозицијата, заедно со кампањата за нејзина медиумска сатанизација – вклучувајќи тука и многубројни нерегуларности на самите избори – можат да се наведат како објаснување за лошиот резултат на опозицијата. Иако сега е доцна за такви жалби, а рамноправни услови се обезбедуваат пред и за време на изборите, сепак, по завршувањето на гласањето, повторно е актуелна дилемата дали бојкотот на изборите ќе беше подобро решение? Политологот Душко Радосављевиќ смета дека тоа требало да се стори во оној момент кога за носител на листата за белградските избори беше прогласен претседателот на државата Александар Вучиќ.

„Опозицијата требаше да ги бојкотира сите институции  кога Вучиќ во разумен рок не поднесе оставка на место шеф на својата партија, бидејќи во тој момент се знаеше дека политичкиот живот во Србија нема да има ни привид на рамноправност“, вели Радосављевиќ.Лошиот резултат го отвора и прашањето за иднината на некои водечки личности од редовите на опозицијата.

„Ѓилас, Тадиќ, Шапиќ, Јеремиќ, Шутановац, Јовановиќ, сѐ е тоа ДС. Тие како да забораваат дека победуваа на избори само кога беа заедно. Мислам дека поради тоа време е некои политичари едноставно да се повлечат бидејќи граѓаните веќе не ги препознаваат како опција што носи резултати“, вели Срѓан Шкоро.

Фрагментацијата на опозицијата доведе и до тоа Демократскиот сојуз (ДС) првпат од воведувањето на повеќепартизмот да остане под цензусот, што е секако нова страница во политичкиот живот на Србија. Партијата, која е многу заслужна за промените во 2000 година и која може да се пофали со највисок степен на внатрешна демократија во Србија, во моментов заминува во политичка историја. Тоа секако не е добра вест, вели Срѓан Шкоро, бидејќи се гледа дека колку е послаб ДС, толку е диктатурата поголема. „Јас воопшто СНС не ја доживувам како партија. Тоа е интересна група која ќе се распадне без Вучиќ. Демократската партија е сепак партија со традиција, која е заслужна за сите позитивни промени што ги имаме, а тоа е голем удар за демократијата во Србија“, смета тој.

Некои работи мора да се реорганизираат внатре во опозицијата, вели Душко Радосављевиќ и советува таа да го пренасочи во вистински правец водењето на политиката место на  Фејсбук и Твитер. „Сѐ уште голем дел од политиката мора да се води преку дневното убедување на луѓето. Тоа е навистина класичен политички труд. Тој труд беше мошне мал во изминативе години бидејќи постојано се водеше преку социјалните мрежи. А, како што се покажа – социјалните мрежи ги користат главно младите и тука заглавија. Младите, како што гледам, не побрзаа да одат на гласање во Белград“, оцени тој. (Дојче Веле)