Вучиќ: Големите пријатели на Заев, Ѓилас и Јеремиќ, се фалат како го осудиле Чавков


Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска на пладне имаше вонредна прес-конференција по синоќешниот упад на демонстрантите предводени од опозицијата во РТС.

Демонстрантите предводени од Сојуз за Србија синоќа влегоа во седиштето на Радио Телевизија Србија, барајќи да се врати националниот сервис на граѓаните, бидејќи не известувале за протестите против Александар Вучиќ.

На денешната прес-конференција, одговарајќи на прашањата од новинарите, претседателот на Србија Александар Вучиќ ги спомена водачите на протестите Јеремиќ и Ѓилас како големи пријатели на Зоран Заев, а ја спомена и затворската казна на Митко Чавков, како и двојните аршини на западните амбасади.

„Интересно е како кај нас постојат двојни аршини. Како е можно западните амбасадори да не го осудат, а во иста секунда ги осудија сите оние кои влегоа во македонскиот Парламент? Големите пријатели на Зоран Заев, тајкуните Ѓилас и Јеремиќ, се пофалија како го осудиле поранешниот министер за внатрешни работи на Митко Чавков на 18 години затвор, затоа што не ги спречил граѓаните да влезат во Парламентот. Според овој принцип, ние можеби треба да размислуваме за одговорност на министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ што ги пушти фашистот Обрадовиќ и тајкунот Ѓилас да влезат внатре во РТС. Сметам дека министерот мислел дека има работа со одговорни луѓе и такво нешто нема да им падне на памет. Што се однесува до западните амбасади, јас ја очекувам поддршката на својот народ, а што прават западните амбасади, тоа не ме интересира. Србија ќе ја зачува стабилноста и ќе ги победи хулиганите. Има криминалци тука во Белград кои сакаат да работат во Скопје. Бандитите кои ги избркавме од тука, Саша Мирковиќ, Башановиќ, кој крадеше гаќи во американски шопинг мол, сега е голем советник и е многу важен. Не сакам да зборувам повеќе во моментов“, изјави Вучиќ.