Вучиќ во клинч со Заев за средбите со Мицкоски


Регионална ситуација на „изгубени во преводот“ вчера предизвика делот од интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за телевизијата Н1 во кое тој зборува за средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред бегството на Никола Груевски. Телевизијата и агенцијата Танјуг најпрвин пренесоа дека Заев кажал дека пред да го фати патот за Будимпешта, Груевски, а не Мицкоски се сретнал со Вучиќ.

Кратко потоа беше направена исправка. Со демант излезе и кабинетот на Заев, а свој коментар даде и српскиот претседател: „Со изненадување ја прочитав веста дека сум се видел со Груевски. Со него не сум се сретнал речиси три години. Не одев во Скопје ниту за време на изборната кампања, иако и тие, како и ние, сме во групацијата на Европски народни партии. Не сум го видел ниту во Белград ниту каде било на друго место“, рече Вучиќ

Тој призна дека со Мицкоски се среќавал – и тоа неколку пати, без да прецизира кога точно се случиле тие средби. Праша што има во тоа спорно и лошо и влезе во помалку иронична „преписка“ со Заев.

Велат ‘не издадовте соопштение…’ Еве, јас му се извинувам на Заев, јас мислев дека Сузана Васиљевиќ е задолжена за издавање соопштенија од нашите состаноци, но во иднина ќе го замолам кабинетот на Заев да издаде соопштение, ако е така полесно“, рече Вучиќ.

Како што додаде, кога некој се обидува да ја префрли одговорноста за сопствените пропусти, тогаш тоа изгледа карикатурално. „А да говорам за сомнителните типови од Србија во кабинетот на Заев не ми паѓа на памет“, вели Вучиќ.

Од кабинетот на Заев велат дека на прашањето на новинарот на ТВ Н1 БиХ: „Во која мера бегството на претходниот премиер на Македонија, Никола Груевски, во Унгарија и информацијата дека актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се состанувал со Вучиќ пред бегството на Груевски, ги наруши односите меѓу вас и Вучиќ?“, премиерот вели: „Значајно е да се напомене дека пред бегството шефот на ВМРО-ДПМНЕ и наследник на Груевски бил и кај Орбан и кај претседателот Вучиќ“ и дека таа информација е позната и објавена, но дека јавноста остана без објаснување за што се разговарало на тие средби.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, во интервју за 1ТВ непосредно по бегството на Груевски потврди дека бил во Белград но дека не се сретнал со Вучиќ, а потоа и во Будимпешта каде имал средба со Орбан, но не разговарал за никакво бегство на Груевски. Откако бил во Белград и Будимпешта, Мицкоски откри дека имал неколкучасовна средба со Груевски, на која наводно разговарале за состојбите во партијата и земјата, но ништо не му оддавало дека неговиот претходник планира азилантска операција.

Мицкоски рече дека го осудува бегството и повика институциите да расчистат кој сè учествувал во тоа, а јавноста да биде реално информирана за да престанат шпекулациите. Мицкоски рече дека не го оправдува бегството, но повтори дека Груевски и многу други бивши функционери од партијата се изложени на политички прогон помогнат од судството кое било под контрола на Заев. (Н.В.)