Вучиќ: Без Русија е невозможно да се дојде до решение за Косово


Српскиот претседател Александар Вучиќ по синоќешниот  состанок во Москва со рускиот претседател Валдимир Путин изјави дека Русија недвосмислено и јасно ќе ги изнесе своите ставови за Косовското прашање.

– Русија недвосмислено и јасно ќе ги изнесе своите ставови за Косово, а без Русија е невозможно, она што е многу важно и што му кажав на претседателот Путин, да без каква било руска согласност во ООН, невозможно е да се дојде до било какво решение, истакна Вучиќ за новинарите во Москва.

Тој додаде дека во оваа смисла, Русија многу активно ќе ги следи разговорите за Косово „и се што ќе се случува“ и дека секогаш правовремено ќе реагира на одреден начин.

Вучиќ изјави и дека Русија „активно и суштински ќе учествува во следењето на целокупниот процес и состојбата во односите меѓу Белград и Приштина, особено влијанието на различни меѓународни фактори врз ова прашање“.

Тој констатираше „дека компромисот е она што го сака“, но исто така го изрази и својот личен скептицизам, со надеж дека работите ќе се завршат, „бидејќи Албанците не се подготвени за суштестински компромиси, а уште помалку се подготвени оние кои учествуваа во противправната поддршка на таканаречената независност на Косово“.

Вучиќ на новинарите им изјави дека на еден од најдолгите разговори што ги имал досега со рускиот претседател разговарал и за други важни теми, за
енергетиката и тоа за Турски тек, воено-техничката соработка, економската размена, активностите што ги има Руската железница за изградба и реконструкција на српските пруги, диспечерскиот центар.

Тој додаде дека Путин прифатил  до крајот на годината ја посети Србија.

Во соопштението на официјален Кремљ по средбата се наведува дека „двајцата претседатели ја разгледале тековната состојба и перспективите на руско-српската соработка, текот на заедничките инвестициски проекти и размениле мислења за актуелни регионални прашања“.

Во соопштението на Кремљ се посочува и дека „Вучиќ му се заблагодарил на Путин поради тоа што го спасил српскиот народ од етикетата на геноциден народ, кога беше ставено руското вето на британската резолуција во ОН“.