Вселенската Патријаршија ќе го разгледа македонското барање за враќање во канонски рамки како Охридска архиепископија


Во рамки на надлежностите и прерогативите на Вселенскиот патријарх, ќе биде разгледано и ќе се преземе тоа што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија, соопштија од Вселенската Патријаршија, откако добиле барање и писмо од македонскиот премиер Зоран Заев.

Ова барање Светиот синод на Вселенската патријаршија го разгледало на вчерашниот состанок .

– Беше разгледано барањето на расколничката црква во Скопје, барање поддржано и преку писмото на премиерот на ПЈРМ, господинот Зоран Заев, за преземање иницијатива од Вселенската Патријаршија за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија и одлучи да се разгледа и да го стори тоа што треба врз основа на условите, што не можат да се прекршат, на историските и канонските надлежности и прерогативите на Вселенскиот патријарх, соопштуваат од Вселенската Патријаршија.

Тимотеј: МПЦ-ОА бара признавање на автокефалноста, а не промена на името на црквата

Пред еден месец испративме барање до Вселенската патријаршија со барање за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Никој не барал, ниту пак сонувал за некакво бришење на името. Црквата не се откажува од името, вели во изјавата за МКД.мк владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ-ОА.

МПЦ е во изолација веќе 50 години. Пред еден месец е испратено писмото до Вселенската патријаршија во кое не се откажуваме од името, ниту пак размислуваме за тоа. Ние бараме признавање на нашата автокефалност“, вели Тимотеј.

На прашањето за евентуално ново име на црквата Охридска архиепископија, Тимотеј вели дека ако „тие нѐ признаат како Охридска архиепископија, ние тоа би го прифатиле“.

Владиката исто така потврди дека испраќањето писмо на премиерот Зоран Заев до Вселенската патријаршија било во координација со Синодот на МПЦ-ОА.