Времена забрана од ДСЗИ: Странски доктори без лиценци прегледувале во Катлановска бања


Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) времено забрани Катлановска бања да прима нови пациенти, откако инспекторите утврдија дека бањата не покажала дозвола за вршење здравствена дејност издадена од Министерството за здравство, а пациентите ги прегледувале тројца лекари од странство без лиценци за работа.

Вонредната контрола била направена во саботата, откако родител на дете со церебрална парализа пријавил дека лица кои не се вработени во институцијата, таму вршат неовластени и сомнителни прегледи.

– Тројцата доктори, затекнати при инспекцискиот надзор, немаа дозвола од Министерството за здравство, ниту лиценци издадени од Лекарската комора. Инспекторите на увид побарале правниот субјект да им даде дозвола за вршење на здравствена дејност, но тој документ не бил даден. Поради тоа е донесено решение за забрана за вршење на здравствена дејност се додека не го достават тој докумет – рече Ирина Бухова Сотировска, директорка на ДЗСИ.

Пациентите кои во моментов се таму можат да останат додека да им заврши лекувањето.

Лекарите кои прегледувале без лиценца се анестезиолог, дефектолог и ортопед, по потекло од Косово и од една подалечна земја која засега не се открива.

Во бањата биле утврдени и други неправилности, но како што објасни директорката на ДСЗИ, не биле нотирани бидејќи правниот субјект нема дозвола. Работата на оваа институција ја испитува и Финансиска полиција.

Сопствениците на бањата засега не ги коментираат наодите на ДСЗИ.