Вработените може да пријават притисок на работното место на веб страната на МИОА


Министерството за информатичко општество и администрација од денеска на својата веб страница постави алатка за пријавување притисок на работното место.

Од Министерството информираат дека пријавувањето е анонимно, но оти доколку лицето кое пријавува, сака да ги сподели личните податоци, тогаш тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на личните податоци.

МИОА е обврзана сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи за понатамошно постапување.

Министерството ги повика сите вработени во јавниот сектор да ги пријават сите евентуални притисоци со кои се соочиле на работното место на http://mioaportal.mioa.gov.mk/?q=mk/eform/submit/prijava.

Согласно Законот за заштита од возменирување на работно место, вработениот кој смета дека е изложен на вознемирување на работното место треба писмено да се обрати до лицето за кое смета дека го вознемирува и да му укаже дека неговото однесување е несоодветно и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане. Барањето за заштита од вознемирување се поднесува до одговорното лице кај работодавачот или барање може да поднесе претставник на синдикатот, лице надлежно за работите за безбедност и здравје при работа или за управување на човечки ресурси.