Впрегнување на сопствените сили


Никола Поповски

Пред неколку дена Државниот завод за статистика ги објави податоците за бројот на родени деца во Македонија во периодот 1994-2017 година. Податоците не се загрижувачки, туку алармантни. Во 1994 година биле родени 31.421 дете, во 2004 година 23.361, а во 2017 година 21.754 деца, односно Македонија во минативе две и пол децении изгубила околу 10.000 новородени деца годишно. Очекувањата се дека трендот ќе продолжи и прашање е на кое ниво ќе се стабилизира годишниот број на родените деца во земјава. Од друга страна, како резултат на вкупните општествени трендови и околности просечниот животен век на населението во земјава се зголеми од околу 73 години во средината на 90-тите години на околу 75,5 години денес (податоци од Евростат). Нормално, разликите меѓу мажите со сегашните 73,5 години очекуван животен век и жените со 77,4 години и понатаму остануваат релативно значајни. Нормално е дека очекувањата се дека и овој тренд на растење на очекуваниот животен век на населението ќе продолжи.

Дополнителен сериозен проблем е што смртноста на доенчињата во земјава опстојува на релативно високо ниво од 8,6 починати на 1.000 живородени и тоа е за скоро 2,5 пати повисоко од она на ЕУ каде што изнесува 3,6 (податоци од Евростат). Со толку висока стапка на смртноста на доенчињата Македонија сега го има убедливото последно место и меѓу земјите од т.н. Западен Балкан со исклучок на Косово.

Резултанта на овие трендови и на уште полошите, но статистички формално непознати трендови на иселување на населението во потрага по подобар живот, во кои речиси целосно учествува младото население до 40 годишна возраст, ќе биде брзо стареење на населението во земјава. Ако нешто многу значајно не се промени, Македонија, слично на многуте други држави од поширокиот регион, се соочува со опасноста од драматична промена во старосната структура на населението, придружена и со можни посериозни промени во етничката и верска структура. Последново може да биде резултат на фактот дека динамиката на промените во бројот на новородени деца значително варира во општините каде што претежно или целосно живее православно и оние во кои претежно или целосно живее население со исламска вера во корист на последниве.

Сепак, ваквите движења на населението скоро воопшто не се одразија на повисоката невработеност од над 200.000 невработени лица и стапка на невработеност од над 20 отсто во Македонија и на уште поголемата стапка на потенцијална невработеност која има резервоар од околу половина милион (500.000) лица што се работоспособни, но економски неактивни, односно формално не се водат како невработени бидејќи тие и воопшто не бараат работа, но во суштина не работат и не придонесуваат кон потенцијалните производни можности на нашата економија.

Проблемите со намалениот наталитет и со опасностите од посериозна промена на старосната, етничката и верската структура на населението тешко дека ќе можеме да ги промениме на долг рок (идните 10-15 години) и на многу долг рок (идните 20-40 години). Слично ќе биде и со емиграцијата од Македонија. Скоро сигурно е дека луѓето, особено младите генерации и во идните 20-30 години ќе продолжат да ја напуштаат земјава и да бараат подобар живот и работа во светот бидејќи покрај состојбата во земјава на тоа влијаат и уште повеќе ќе влијаат процесите на глобализацијата, што светот навистина го направија едно „глобално село“ во кое сè, па и работната сила и луѓето воопшто, лесно се движат и ги преминуваат државните граници и административните пречки за да работат и живеат во друга земја. Не треба да се очекува дека сегашниот антиглобалистички и конзерваторски став што почна да преовладува (САД, В. Британија, Австрија, Унгарија и др.) ќе може долго да преживее и да ја спречи натамошната глобализација која е несомнена и ќе продолжи да се движи како нешто што е природно за современиот свет. Впрочем да – емиграцијата на работната сила како феномен е поизразена на релација од земјите со низок и среден доход кон оние со висок доход, но исто така знаеме и дека таа е на релацијата меѓу земјите со висок доход. Токму од тие причини, на пример, младите германски доктори заминуваат на работа во Данска и Норвешка, а информатичарите од Италија во Швајцарија и Холандија.

Но, да не се залажуваме дека проблемите ќе се решат со промената на името на државата или на нацијата. Во поблиското наше соседство (Бугарија, Албанија, Хрватска, Турција, Црна Гора, Романија, Грција), но и во подалечното соседство (Унгарија, Полска, Естонија, Кипар) секојдневно сме сведоци дека државите што се членки на НАТО или на ЕУ или на двете организации, се соочуваат со перманентно и значајно иселување од страна на луѓето во најубавите работоспособни години и со прилично ценети и конјуктурни професии и знаења.

Во такви услови можеме да направиме барем нешто што ќе го подобри животот на овој извесно намалувачки, но сосема доволен број на жители што ќе останат да работат и живеат во Македонија. Нивната надеж и нивната реалност мора да се подигне за да сфатат дека и тука може да има подобар живот за нив. Мислам дека никој сериозен нема умисла дека ние еден ден можеме да имаме стабилен, безбеден, богат, пристоен и извесен живот како оние народи од северниот и западниот дел на континентов или како на оние помалобројни што успеаја да фатат пристоен приклучок како, на пример, Словенија. Но секако дека можеме да го направиме она што зависи од нас самите, за што не треба премногу напор и за што не можеме да се жалиме дека се објективна отежнителна околност за која ни требаат огромни временски периоди за да ја промениме.

Каква објективна причина, на пример, имаме што јавните служби на сите нивоа на управување ни се прилично неефикасни, неефективни и предимензионирани, а надлежностите скромно ги извршуваат? Кој тоа ни го наметнал или барал од нас, како, на пример, барањето за промена на нашето име? Какви резултати имаме од образовниот систем во земјава? Кој и дали во еден подолг временски период од нас барал да ги доведеме учениците и студентите во состојба знаењата да им се со опаѓачко ниво, а нивните резултати да се на последните места во Европа, па да се пониски дури и од држави за кои тоа не смееме да си го дозволиме? Кој ни е виновен што корупцијата во општеството ни е на високо и загрижувачко ниво, па дури истата е претворена во „прифатлив“ општествен феномен? Зошто гласачите имаат благонаклонетост кон корупцијата и тоа не им смета кога заокружуваат кандидати на изборите? Некој не присилувал на тоа? Некој го барал тоа од нас во процесот на транзициските реформи да го направиме? Што станува со судството? Каде ни е смислата за праведност и морална и судска одговорност во општеството? За да не набројуваме до бескрај, треба да се прашаме што може да се направи а тоа не зависи од никој друг освен од нас самите. Тие прашања треба да се решаваат приоритетно и брзо. Потоа да ги оставиме за решавање оние за кои постојат поголеми или помали објективни околности и затоа се потешки или имаме проблеми кои се непремостливи. Конечно, на пример, веќе изминува првата половина од оваа многу важна година и треба да знаеме дали некој од надлежните има направено анализа што, де факто, на економски план ни се случува и во кој правец ни оди економијата сега? Дали зацртаните цели беа добри и дали се приближуваме кон нив? Дали сите задачи што ги поставивме за раст и развој на економијата сме ги исполниле а сите планирани инструменти и мерки на економската политика сме ги преземале?

Тие не зависат ни од ЕУ, ни од НАТО, ни од волјата на премиерот Ципрас да се согласи со некој од многубројните предлози на премиерот Заев. За нив треба да ги впрегнеме сопствените сили.