Во 2017 година 3.675 лица од Македонија добиле германски работни визи


Огромен број луѓе од Западен Балкан аплицирале за работа во Германија. Министерството за надворешни работи информира дека енормно е зголемен бројот на барања за работни визи во земјите од Западен Балкан за луѓе што сакаат да работат во Германија, како и дека овој број постојано расте. Граѓаните на Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија од ноември 2015 година, според регулативата за Западен Балкан, може да работат во Германија. Единствен услов е апликантите да имаат склучен договор за работа во некоја германска компанија. Во првите девет месеци од измината година германските амбасади во регионот имаат издадено 19.294 визи. Во 2017 година, најголем дел од нив се издадени во Босна – 4.702 и на Косово – 4.758. Потоа следува Македонија со 3.675 и Србија со 3.613 издадени визи. Амбасадата во албанскиот главен град Тирана во истиот период има издадено 2.796 визи.

Но, времето за обработка на барањата е многу долго, особено од терминот на закажување до поднесувањето на документите, вели Карола Буркерт, експерт за миграција во Институтот за работа и професионален развој (ИАБ). Први на листата земји со долготрајна процедура се Косово, каде што времето на чекање е една година, потоа БиХ и Србија со седум месеци и Албанија со шест месеци. Дополнително на ова е и процедурата за обработка на визата. „Замислете, има понуда за работа“, вели Буркарт. „На работодавачот му требате сега – и ако потенцијалниот работник не дојде, бидејќи нема виза, тогаш работодавачот мора да се снајде.“

Беким Имери е возач на камион од Гостивар. Тој добил понуда за работа од фирма во Падерборн, но, поради тоа што ни по неколку месеци немал добиено виза, работодавачот ја повлекол понудата. „Толку долго не ве чека никој во Германија“, вели Беким.
Сега тој нашол работа во една компанија во Штутгарт, а договорот за работа и ново барање за виза лично ги донел во амбасадата во Скопје, каде што бил примен по повеќе од седум часа чекање. Оттогаш Беким секој ден загрижено ја чека визата за да не ја пропушти и втората шанса за работа во Германија. Всушност, во својата најнова студија Институтот за работа и професионален развој насловена како „Регулативата за Западен Балкан: работа наместо азил?“ утврди дека постои голема дискрепанција меѓу бројот на издадени визи и бројот на одобренија од страна на Агенцијата за вработување, што исто така е неопходно за добивање на виза за започнување со работа. Нивниот број од ноември 2015 до септември 2017 година се зголеми на 128.000 – но бројот на издадени визи достигна само 38.000.

„Времето на чекање за виза секогаш зависи од бројот на поднесени барања и од капацитетот на конзуларните одделенија во амбасадите“, велат од Министерството за надворешни работи за ДВ. Германските амбасади во западнобалканските земји се максимално засилени, а канцелариските капацитети во амбасадите се максимално искористени.

Германската амбасада во албанскиот главен град Тирана во 2017 година има обработено околу 50.000 барања за визи, од визи за краткорочен престој за туристи и бизнис-посети, до долготрајни визи за студирање, спојување со семејство или работна виза. И покрај тоа што бројот на вработени во конзуларните претставништва е зголемен, а годинава се планира и ново засилување, барањата за визи ги надминуваат капацитетите.
„Во Косово во моментов е полесно да добиеш на лото отколку да добиеш германска виза. Ова се убиствени процедури“, вели Згијм Бериша од Приштина. Тој е последна година специјализант на Клиниката на хирургија на Универзитетската клиника во косовскиот главен град
„Знам добро образовани доктори и медицински персонал со познавање на германски јазик, кои со задоволство би работеле во Германија. Единствена пречка им е визата“, вели тој.

„Во Србија до јуни следниот слободен термин за поднесување документи во амбасадата беше за четири до пет месеци, а сега е седум“, вели Дејан. М од Србија. Дејан во февруари добил понуда за работа од една берлинска ИТ-компанија и оттогаш чека термин.
Карола Буркерт смета дека визната постапка се користи како инструмент за управување со миграцијата преку визната политика. „Се вели дека имаме економска миграција од Западен Балкан, така што ги прошируваме легалните начини за доселување под одредени услови – но бирократијата и човечките капацитети не беа обновени и проширени за ова да биде одржливо. Тоа отвора дилема бидејќи води кон преголема фрустрација на многу страни.“
Не само потенцијалните работници од Западен Балкан, туку и нивните германски работодавачи чекаат, еден ден некој да ги собере документите на нивните апликанти од огромните купчиња во германските амбасади.

(Дојче веле)