Во 2016 година 85 отсто од играчките во ЕУ биле увезени од Кина


Увозот на играчки во Европската Унија минатата година бил петпати поголем од извозот, а најмногу се увезувало од Кина, додека меѓу земјите извознички се издвоила Чешка, покажуваат податоци на европска агенција за статистика.

ЕУ минатата година увезла играчки во вкупна вредност од речиси 7,2 милијарди, а извезла во вкупна вредност од само 1,5 милијарда евра, утврди Евростат.

Најмногу се увезувале играчки од Кина, на која во 2016 отпаднале 85 отсто од вкупниот увоз. Потоа следува Хонгконг со четири отсто удел во вкупниот увоз на играчки во ЕУ, па Виетнам со два проценти.

Дестинација за повеќе од една четвртина од европскиот увоз на играчки лани била Велика Британија, – 27 отсто, односно 1,96 милијарда евра. Втора на листата увозници е Германија со удел од 16 отсто или 1,11 милијарди евра, а трета Холандија со 10 отсто. Вкупно на тие три држави се однесува повеќе од половината увоз на играчки во ЕУ во 2016 година, наведува Евростат.

Во статистичкото биро на ЕУ наведуваат дека вкупната вредност на увозот на играчки во ЕУ во изминатите 10 години е зголемена за дури 70 отсто.

Главни дестинации на извоз на играчки од ЕУ во 2016 година биле Швајцарија и Русија (по 15 отсто удел). Следуваат САД со 13 отсто удел. Најголеми извозници на играчки се Чешка со вкупен извоз на играчки од 32 отсто (470 милиони евра) и Германија со удел од 20 отсто (291 милион евра).