Во јавност првпат пуштени снимки од обидот за убиство на Села


Снимки од упадот во Собранието што се случи пред точно една година, се презентираа денеска во Кривичниот суд, на судењето за обидот за убиство на Села. Овие снимки се пуштаат првпат во јавноста, објави Сакамдакажам. За обидот за убиство на Села кој едвај остана жив, обвинети се 10 лица. Деветмина од нив се во притвор во Шутка, еден е во домашен.

На една од прикажаните снимки се гледа како доаѓаат маскирани луѓе во фантомки и качулки, генерално со крупна и мускулеста градба. Со нив доаѓа и помала група немаскирани луѓе, но и обвинетите. На почетната снимка се гледаше како по 18.30 часот надоаѓа толпата.

Тогашната пратеничка Радмила Шеќеринска и други пратеници, новинари и собраниски службеници набрзина втрчуваат во прес-салата. Остануваат надвор обезбедувањето на Оливер Спасовски, Сашо Тасевски, и на Зоран Заев, Александар Трајков, со неколкумина членови на собраниското обезбедување. Доаѓа до физички контакт, Тасевски е удрен.

Остануваат пред вратата со Трајков. Се собираат повеќе лица со фантомки. Се туркаат со обезбедувањето. Се враќаат неколку пати. Се гледа како тогашниот шеф на обезбедувањето на Собранието Александар, го удираат и го фрлаат на земја.

Се собира поголема толпа, се прави притисок и вратата се пробива. Веднаш излегува првин една група новинари и пратеници, а потоа уште една и на крајот камермани. Внатре останува новинарката од ТВ 24 и сведок Душица Мрѓа. Цело време влегуваат-излегуваат маскирани и лица без фантомки.

Слика од тоа што се случува внатре нема, бидејќи внатре нема безбедносни камери. Цело време фотографира Александра Дуковска, за која во сведочењето Села кажа дека му се заканувала нему и пратениците со кои стоел. Обвинителот рече судот да констатира оти од неа полицијата одзела огромен фото материјал.

Потоа оди снимка на која се гледа како обвинетите го изнесуваат Зијадин Села. Тие на судењето тврдат дека го спасувале. Полиција сè уште нема. На снимките не се забележува ниту еден припадник на МВР. Во моментов судијката даде полчасовна пауза. Продолжува емитувањето на снимки и фотографии од насилствата во Собранието на 27 април.