Во Штип комеморација за фудбалската легенда Драгослав Шекуларац


Во Штип пред споменикот посветен на фудбалската легенда Драгослав Шекуларац, кој се наоѓа пред Центарот за култура „Ацо Шопов“ и Правниот факултет денеска се одржа комеморација на која присуствуваа негови роднини, спортски работници, пријатели и градоначалникот на Општина Штип.

Шекуларац беше омилен меѓу штипјани, бидејќи во 1937 е роден токму во Штип, по што заедно со родителите се пресилил во Белград. Спортските работници и новинарите кои имале средби и се дружеле со Шекуларац велат дека постојано го посетувал градот Штип, каде што во коритото на реката Отиња играл и фудбал со другарите.

На комеморацијата пред споменикот се обратија градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и претседателот на Комисијата за спорт во Советот на Општина Штип, Елмир Мандак, кои потенцираа дека фудбалската легенда ќе остане во сеќавањето на штипјани и на спортските работници, бидејќи во 1978 година токму во Штип ги донесе и познатите светски фудбалски ѕвезди, Еузебио, Џајиќ, Сантрач, Молина и други, кога се простуваше од фудбалот, а во 2017 година градот му го изгради и споменикот, а на Градскиот стадион ги донесе и ветераните на Фудбалскиот клуб „Црвена Ѕвезда“.

Делегации од општината, Фудбалскиот клуб „Брегалница“, како и  спортски работници, роднини  и пријатели на споменикот положија и букети цвеќе.

Легендарниот фудбалер на Црвена Ѕвезда и југословенскиот национален тим, почина вчера на 81-годишна возраст.

Популарниот Шеки за Црвена Звезда дебитираше во 1955 година и за 11 години во клубот одигра 470 натпревари, постигна 119 гола, освои седум титули во југословенскиот шампионат, како и пет Купа. Како тренер на тимот ја освои двојната круна.

По Ѕвезда играше Карлсруе, американски Сен Луис, ОФК Белград и Париз, а како тренер работел во Гватемала, САД, а пред крајот на неговата кариера кратко во Обилиќ.