Во три болници ќе се отворат школи за родителство


Во три болници во Македонија ќе се отворат школи за родителство, по примерот на истите кои веќе функционираат во Србија. Школите ќе можат да ги посетуваат сите заинтересирани идни родители. Проектот ќе го спроведат „Пивара Скопје“ и Министерството за здравство.

Основната цел е да се едуцираат идните родители и останатите членови од семејството како да се справат со секојдневните предизвици што ги носат нивните нови улоги. Школите ќе функционираат во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, во Клиничката болница во Битола и во Општата болница во Гостивар, а ќе бидат отворени по октомври годинава.

-Чест ми е што заедно со „Пивара Скопје“ го започнуваме овој проект од кој нема да имаат корист само идните родители туку и целокупното здравство, особено затоа што допираат еден од најзначајните сегменти, а тоа е родителството. Министерството ќе обезбеди стручен кадар од доктори-специјалисти кои ќе работат во овие школи и ќе одговорат на сите прашања и дилеми врзани со бременоста и новороденчињата, а со тоа и да им го олесниме животот на идните родители – изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Родерик Розенбаум, комерцијален директор на „Пивара Скопје“ рече дека ваквите школи веќе усшешно функционираат во други земји.

Просториите кадешто ќе бидат сместени школите ќе бидат комплетно реновирани и опремени со мебел и останата опрема. За нив ќе се издвојува и по еден денар од секое пакување од пет литри Роса вода што би го купиле граѓаните.