Во Тетовско во јули и август имало 173 сообраќајки кои однеле 5 жртви


Вкупно 173 сообраќајни несреќи се случиле на тетовското подрачје во месеците јули и август оваа година. Бројката е за 26 несреќи помала во однос на истиот период лани, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Според него, во сообраќајките во текот на јули година има една несреќа со загинато лице, пет со исто толку тешко повредени, 40 со 83 лесно повредени лица, а во 50 причинета е само материјална штета што вкупно се проценува на над три милиони и 100 илјади денари. Најголемиот број од вкупно 96–те несреќи во јули односно 47 се случиле на градските улици и особено на булеварите „Илинденска“, „Видое Смилевски-Бато“ и „Маршал Тито“. Најчести причини за јулските несреќи се пребрзо возење и неправилно вршење дејствие. Слични се податоците и за август каде од вкупно 77 несреќи, 20 се резултат на неприлагодена брзина, 17 се последица на неправилно вршење дејствие и 14 поради непочитување првенство.
Од СВР Тетово уште еднаш го повторија апелот до возачите да не возат пребрзо и да не престигнуваат на небезбедни места.
– Возачите особено во градот треба да бидат максимално внимателни кога станува збор за другите учесници во сообраќајот, а во прв ред кон пешаците и велосипедистите посебно на улици каде нема тротоари или обликувани велосипедски патеки, рече Јосифовски.