Во Приштина запленети 41 килограм дрога


Косовската полиција запленила 41 килограм дрога во приштинската населба „Калабрија“, во операција насловена како „Посредникот“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на полицијата се наведува дека е уапсено едно лице, кое се сомничи за илегална трговија со наркотици, но не е прецизирано каков вид дрогата е запленета.

Покрај дрогата, запленети се и три возила „голф 5“ со приштински регистарски таблички, пиштол ТТ од југословенско производство со шест куршуми, како и шест мобилни телефони.

Уапсеното лице, по испитувањето, со одлука на обвинителот е пратен во притвор.