Во приватната ординација „Јанита“ операции се правеле на црно


Во приватните здравствени ординации „Јанита” и „Др. Крсто Митаноски” лекарите работеле на црно, а утврдени се и многу други пропусти, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. На 18 февруари по операцијата на хемароиди извршена во ПЗУ „Јанита” почина Булент Ибрахим (38) од Ресен.

Oперацијата ја извршил лекарот Ѕвонко Николовски од ПЗУ „Јанита“ во изнајмената сала во ординацијата на доктор Митаноски. Три дена по операцијата, пациентот почина.Инспекторите пронајдоа низа пропусти во документацијата на овие приватни ординации.

„Ние иницираме, односно предлагаме до министерот одземање на дозволата за работа за двете приватни здравствени установи“, изјави Ирина Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Сопственикот на ординацијата „д-р Крсто Митаноски“ бил пензиониран уште од 2012-та година и немал валидна лиценца за работа. Хирургот Ѕвонко Николовски кој го оперирал пациентот, немал дозвола да го прави тоа во изнајмената операциона сала.Инспекторатот сега најавува дека контроли ќе се вршат и во сите други приватни ординации за да се види кој и како работи со пациенти.За целиот случај ќе се бара и кривична одговорност за што ќе треба да се вклучи и обвинителството.

„Немаме документ дека е пријавено во Министерство за здравство пензионирањето на носителот на дејност. Немаме документ дека е побарано ставање на ординацијата во мирување или побарано истата да се затвори. Немаме документ од нивна страна за соработка со ПЗУ „Јанита“. Целокупното досие ќе го предадеме до Основното јавно обвинителство“, изјави Бухова,

На ниво на Министерство за здравство стручна комисија допрва ќе одлучува како ќе постапат по целиот случај.