Во пресрет на утрешната ждрепка: Вардар во француски котел


Вардар е во исчекување на утрешната ждрепка за полуфиналето во ракометната Лига на шампиони. Ако „црвено-црните“ се први европски шампиони во последните четири кои ќе имаат можност за одбрана на тронот, тогаш претстојниот Фајналфор во „Ланксес арена“ во Келн ќе биде прв турнир со три екипи од иста земја. Во случајот Франција ќе биде претставена во Германија од моќниот ПСЖ, Нант на Кире Лазаров и од секогаш незгодниот Монпелје. Последните два тима се дебитанти на турнирот од воведување на сегашниот формат на натпреварувањето, иако Монпелје веќе го има освоено престижниот трофеј во 2003 година.

Лазаров и Клајн како ударни игли на Нант

Како што е вардаровиот, импресивен е патот и на Монпелје, кој викендот беше последниот тим што обезбеди пласман на завршниот спектакл во ЛШ преку групите Ц/Д. Во своите редови има десетина домашни играчи, кои ги предводи фантастичниот Гигу. Страшна е и европската одисеја на Нант. Европската ракометна федерација (ЕХФ) посебно истакнува двајца играчи од Нант, кои би можеле да дадат белег на Фајналфорот. Првиот е капитенот на македонската репрезентација Кире Лазаров, кого го издвои како ударна игла на францускиот тим. Особено го нотира неговото искуство од настапи на Ф4 од минатото со екипите на Атлетико Мадрид, на Барселона и на Сиудад Реал. Втор е Доминик Клајн, кој исто така трипати ја почувствувал магијата во Келн. За квалитетите, искуството и потенцијалот на големите Вардар и за ПСЖ е непотребно да се трошат премногу зборови.

Ѕвездениот ростер и арапскиот капитал на ПСЖ

Светците“ со арапски капитал имаат еден куп адути во своите редови. Од легендарниот Тиери Омејер на голот, преку Уве Геншајмер и Лук Абало на крилните позиции, Никола Карабатиќ, Микел Хансен и Недим Ремили на бековските до Лука Карабатиќ и Јеспер Нилсен на линијата од шест метри. Дел од нив во наредната сезона ќе бидат под палка на Раул Гонзалез, човекот кој ги предводеше вардарци до најголемиот успех во клупската историја и актуелен македонски селектор.

Победничкиот карактер на „црвено-црните“

Бранителот на титулата, пак, има широк спектар на играчи за кои може да се пишува во недоглед. Ростерот на тимот не претрпе драстични промени од ланскиот кој ја донесе титулата во Скопје и во меѓувреме се надгради на тактички и технички план. Ако лани беа дебитанти, статус што им донесе и улога на аутсајдери кој, пак, се покажа како силно оружје, оваа година ќе имаат неспоредливо покомплицирана задача бидејќи одбрана на тронот секогаш важела за потешка мисија од негово запоседнување. Меѓутоа, вардарци многупати низ сезоната покажаа дека може да се носат и да се справат со секаков предизвик, многупати притоа истакнуваа и карактер и многупати покажаа дека подеднакво добро знаат да одговорат на предизвиците на домашен и на гостински терен, а лани и на неутрален.

Ждрепката е закажана за утре напладне (12 ч.) во хотелот „Радисон блу“ во Келн. Привилегирани ќе нема. Сите четири екипи ќе бидат сместени во еден шешир, при што секој може да добие секого, без оглед дали играле во групната фаза. Полуфиналните мечеви ќе се играат на 26 мај во 15.15 часот, односно, 18 часот, мечот за титулата во Лигата на шампиони за сезоната 2017/18 е ден подоцна (27 мај). (С.Ѓ.Д.)