Во прекин железничкиот товарен сообраќај


Железничкиот товарен сообраќај во Македонија е во целосен прекин од 07:30 часот утринава, а железничкиот патнички сообраќај од станица Скопје Патничка ќе се одвива само до полноќ, соопшти попладнево МЖ Транспорт ад Скопје.

Како што информираат, изутрина со почеток во 07:30 часот, група вработени од машинскиот и извршен персонал во МЖ Транспорт АД Скопје, еднострано и ненајавено, решиле да прекинат со извршување на своите работни обврски.

– Со оглед на тоа дека во текот на денот кон оваа група се приклучи и друга група од машинскиот и извршен персонал, МЖ Транспорт АД Скопје ја известува јавноста дека железничкиот товарен сообраќај е во целосен прекин од 07:30 часот утринава, а железничкиот патнички сообраќај од станица Скопје Патничка ќе се одвива само до крајот на денешниот ден, т.е. до 24:00 часот. Сите возови кои во текот на денешниот ден ќе тргнат од станица Скопје Патничка, ќе бидат вратени во текот на утрешниот ден, согласно важечкиот возен ред. За секоја промена на ситуацијата, благовремено ќе ја известиме јавноста, се вели во соопштението од МЖ Транспорт ад Скопје.

Од МЖ Транспорт АД-Скопје им се извинуваат на сите патници и коминтенти и истакнуваат дека нивниот менаџерски тим ќе работи на што побрзо нормализирање на железничкиот сообраќај.

Претставници на машинскиот персонал велат дека причина за прекинот е неисплатениот втор дел од платата за октомври. Како што изјави за МИА Душко Чакаровски, машиновозач во МЖ Транспорт АД Скопје, прекинот на железничкиот сообраќај ќе трае до исполнување на поставеното барање. Одлуката за неисполнување на обврските, тврди тој, е донесена на собир на вработените и зад неа не стојат синдикалните организации.

Според Чакаровски, попладне имале средба со новото раководство на МЖ транспорт АД Скопје кое ветило исплата на вториот дел од платата за октомври до петок, но како што посочува вработените не ја прифатиле понудата. Доколку до 25-ти месецов пак не биде исплатена платата за ноември, според Чакаровски, ќе се повтори блокадата на железничкиот сообраќај.