Во прво лице од Дојран: Ангажиран и општествено одговорен „Д фестивал“


Зад нас е осмото издание на најголемиот македонски фестивал кој се одржува под отворено небо во топлиот Дојран. „Д фестивал“ низ трите дена од викендот помина во знак на дружење, забава, едукација, културно исцелување, спортување и сето тоа зачинето со музика за сечиј вкус.

Распослан на четири сцени: „Главна“, „Лејк авејк“, „Москито“ и „Чрџ стејџ“ на фестивалот продефилираа странски и домашни музички артисти кои се хедлајнери на големите европски и светски музички збиднувања.

Во текот на сите активности на фестивалот, публиката на креативен начин беше постојано потсетувана да ја чува природата или дека „Ти гостин на природата, внимавај!“„Еко е повеќе од его“, како и пораките дека „Танцот е израз на слобода“ и слично.

Првата музичка вечер започна со Горан Трајкоски-Готра на главната бина и неговата театрална музичка изведба беше проследена со големо внимание од публиката. По него, сцената им припадна на хип-хоперите од Црна Гора „Who See“, кои дадоа сè од себе за да ја задржат веселата атмосфера, а за возврат си добија силни аплаузи и селфи со бројната публика. Тетовците „Конкеринг лајон“ веќе се афирмирани „допингувачи“ на разиграните забави.

Нивниот настап за миг нè однесе во Јамајка, a со такво чувство вечерта мораше да продолжи на сцената „Лејк авејк“ каде што „диригираа“ Гоце САФ, Чваре и Страјк. Нема поубава атмосфера од денсање на плажа до утрински часови. Иако за мене и за екипата што ме опкружуваше, Пол Ван Дајк не ни беше на врвот на листата на изведувачи кои сакаме да ги проследиме, мора да се признае дека многуилјадната публика која се насобра на главната бина укажува на фактот дека тој има сериозни фанови кај нас и треба да ги негува со почести настапи тука. Огнометот кој се разлеваше за негово добредојде убаво се гледаше и од дојранското крајбрежје.

Саботните концерти без сомнеж ги одбележаа „Смат“, „Финк“, „Архангел“ и „Дисајплс“ на главната сцена. Оваа вечер изгледаше како една од општествено најангажираните во смисла на изведувачите, но разгледувајќи ја детално програмата, тоа е потенцирано речиси кај секој од настапувачите и е цел на секое издание на „Д фестивал“.

Преку настапот на „Смат“ и нивните песни, му погледнуваме на суровиот живот во очи и добро е што ги имаме да нè потсетуваат дека борбата за подобро утре зависи од сите нас и дека нема да има правда ако не ја бараме гласно! „Финк“ нè разнежија и навистина ни покажаа дека музиката е израз и за најмалите победи. „Првото цеде, првата распродадена изведба, првата тура со автобус, ако ги поминеш овие предизвици, секогаш се појавуваат нови репери“, велат од „Финк“, а јас се согласувам и додавам – Имам нов омилен бенд!

„Архангел“, пак, со секој свој настап во живо како да сакаат да нè потсетат колку ни фалат, но ни фали и времето во кое растевме и созревавме со нивната музика. Ристо Вртев сè уште ја поседува сцената и со своето појавување и став ни укажува дека – сега ќе слушнеме нешто важно.
„Дисајплс“ со енергичен старт и успех ја одржуваа атмосферата до самиот крај на својот настап. Иако во тие доцни часови силниот ветер ја предомислуваше публиката, сепак истрајаа до крај, а добија и силни овации и свирежи на задоволство.

Третиот ден од фестивалот секој настап е јаготка на шлагот. Почнувајќи од „тајниот концерт“, односно изненадувањето на „Чрч стејџот“, па сè до жешките „Пуси рајот“, неодоливата Севдализа и маестралниот Дуке Бојаџиев. Тајниот концерт беше резервиран за акустична изведба на Ману Чао, голем пријател на Македонија и поборник за правда. Оние што се најдоа во „Чрч стејџот“ навистина има што да паметат.

Во текот на дневните активности на фестивалот се одржуваа работилници, едукативни дискусии, предавања, театарски претстави, проекции на филмови. Овој фестивал за осум години прерасна во еден сериозен настан и овој факт треба во иднина да се негува и надградува и од организаторите, но и од локалната самоуправа во Дојран. „Ме густас ту, до следна година!“

Ивана Настеска
Фото: Стефан Самандов, Д фестивал