Во потрага по подобар живот: Од Македонија се иселиле третина од високообразованите


Образование, вработување, подобра плата, квалитет на живот и почитување на човековите права се меѓу најчестите причини поради кои 29 проценти од високообразуваните кадри ја напуштиле Македонија изминативе 10 години.
Оваа негативна појава наречена „одлив на мозоци“ не ја засега само Македонија. Проблемот зема замав и во шесте земји од Западен Балкан. Потребна е промена на целокупниот систем на функционирање на општеството, како подобрувањето на образовниот систем и негово усогласување со потребите на пазарот на труд. Сето ова беше посочено на конференцијата „Одливот на мозоци: Перспективи на младите луѓе“.
Во изминатите три дена, триесет млади од земјите на Западен Балкан на работилници во Охрид и Скопје работеле на оваа проблематика и ги претставиле своите идеи како оваа појава да биде намалена во иднина и младите да не се отселуваат.

„Потребна е промена на целокупниот систем на функционирање на општеството. Ние сфативме дека не можеме со една активност, со еден проект, тоа да го промениме и затоа предлагаме сет мерки во четири области. Тие вклучуваат подобрување на образовниот систем и негово усогласување со потребите на пазарот на трудот. Потоа, зголемување на граѓанскиот активизам, вклучување на младите уште во рана возраст во општествени програми, како и подобрување на услугите што еден млад човек ги добива додека се развива. Тоа значи да има можности за пракса и за образование. Да има можности полесно да најде вработување, полесно да транзитира од образование на работно место“, изјави Иван Јованов, извршен директор на здружението ЛИД.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска подвлече дека причина што многу млади веќе заминале надвор се ниските плати, економската нестабилност и неизвесност, политичките притисоци и малкуте можности за напредок во кариерата. Како причина за барање подобар живот во странство ги напомена ограничените можности за работа на младите во нивна област и недостатокот на финансиски средства, фронтови на кои, како што рече министерката, почнале да работат.

Евидентна е и појавата на феноменот „потенцијална миграција“, која во последната деценија во Македонија достигнува загрижувачки димензии. Според последните податоци од Светска банка, надвор од Македонија живеат и работат повеќе од 29 проценти високообразовани лица, а вкупниот број на иселеници изнесува 21 процент. „Истражувањата покажуваат дека главен фактор за одливот на мозоци е одбивната природа на образовните, економските и интелектуалните услови во земјите“, рече министерката за образование Рената Дескоска.

Последиците од емиграцијата се многубројни и се манифестираат најсилно врз демографскиот и економскиот развој. Тенденцијата на иселување на високостручни кадри, како и научен подмладок, доведува до промени во квалитетот на работната сила и намалување на нивото на човечкиот капитал. Сево ова има негативни ефекти на економскиот развој на земјава и на научно-истражувачката дејност.

„Одливот на мозоци има деструктивно дејство врз економијата и стопанството на земјава. Има директно влијание врз економскиот раст и благосостојбата. Со емиграција на квалификувани професионалци, земјата ги губи на долг рок. Македонија од земја која беше втурната во политички амбис многу бргу се стабилизира, се приклучува кон демократските процеси и трендови. Сериозно напредува кон членството на ЕУ и НАТО, а со тоа овозможува и поголем квалитет на живот на граѓаните“, додаде министерката.

Вероника Мароска-Леова