Во Македонија првпат метод „воден нож“ за полипи и тумори на дебело црево и желудник


Нов метод во третманот на полипи и тумори на дебело црево и желудник со т.н „воден нож“ денеска се применува врз осум селектирани пациенти на Универзитетската гастроентерохепатологија во Скопје. Овој метод првпат се изведува во Македонија и во регионот.

Со примената на ваков тип метод, пациентите со полипи и тумори на дебело црево и желудник нема да мора да одат на операција.

Методата ја извршуваат гастроентерохепатолизи на кои им помага професор д-р Ајхов Аксел, шеф на ендоскопија во Ханау, Клиника во Германија.

Калина Гривчева Старделова, директорка на Клиниката за гастроентерохепатологија изјави дека двајца од осумте пациенти се со редок вид на тумори под првиот слој на лигавицата на желудникот со тумори, а шест пациенти се со такви на дебелото црево и со големи полипи кои не се вадат рутински со апаратурата која ја имаат со класични полипектоми.

– Станува збор за „воден нож“ кој во текот на процедурата оди во млаз вода што овозможува полесно да се видат крвните садови, каде има крварење и ако има крварење, а има многу ситни крвни садови кои кога ќе се исечат ќе се појави крварење и ќе се интервенира тоа да престане – вели Гривчева Старделова.

Основниот апарат на кој се поврзуваат ваков тип на акцесори, посочи, чини 35 илјади евра, а „водениот нож“ си има своја цена.

– Денеска имаме можност да ни го дадат „водениот нож“, го користиме и ќе видиме понатаму како би успеале да ни остане во трајна сопственост –  наведе Гривчева Старделова.