Во Македонија од рак годишно умираат по околу 4.000 луѓе


Мажите најчести жртви на најлошата болест, малигната неоплазма. Од рак во Македонија во 2016 година починале 3.882 лица, а стапката на морталитет се движи од 183.3 на 100.000 население во 2010 година до 187.3 во 2016 година. Најмногу од заболените се од карцином на бронх и бели дробови, а скопскиот регион предничи со абнормални заболувања.

Во податоците кој денеска ги презентираше Институтот за јавно здравје по повод Светскиот ден за борба против ракот 4-ти февруари кој оваа година е под мотото „Ние можеме. Јас можам“, е наведено дека после скопскиот регион кој е со најголем морбидитет, следен е пелагонискиот регион со 126.2 жители на 100.000 население кои се лекувани во болнички здравствени установи од малигни неоплазми.

Директорот на Институтот,Шабан Мемети, рече дека потребно е колективно да се анализираат стратегиите за контрола на ракот и да се превенира пред да се прошири.

– Целта на сите нас е што помалку луѓе да развијат рак, повеќе луѓе успешно да бидат третирани и да се обезбеди подобар квалитет на животот на луѓето во текот на третманот и подоцна во животот – рече Мемети.

Проф. др. Елена Ќосевска информираше дека во рамки на секундарната превенција секоја година се работи на превенција на ракот на грлото на матката, на дебелото црево, простатата и ракот на дојката за кои се обезбедени бесплатни превентивни скрининг тестови. За три години од ализирани 95.519 ПАП тестови, а кај 9.997 се откриени абнормални промени. Ќосевска препорачува жените од 24-35 годишна возраст на направат ПАП тестиви, а мажите од 50-55 години да направат превентивен ПСА тест.

Малигните неоплазми со учество од 20 до 25 проценти се втор причинител за смрт во развиените земји во светот веднаш по кардиоваскуларните болести. Ракот е одговорен за речиси еден од шест смртни случаи на глобално ниво. Секоја година кај повеќе од 14 милиони луѓе се дијагностицира рак, а се очекувада се зголеми на повеќе од 21 милион до 2030 година.