Во Македонија има ниска медиумска и политичка култура на интернет


Во Македонија има ниска медиумска и политичка култура на социјалните медиуми. Најчести проблеми на социјалните мрежи се нетолеранцијата, говорот на омраза, дезинформирањето и лажните вести, а за да се спречи оваа појава потребно е паралелно да се работи и на планот на комуницирањето и на културата и менталитетот.

Ова се заклучоците од денешната конференција „Права и обврски при комуницирање на интернет“, на која се говореше за тоа како се употребува и злоупотребува слободата на изразување на Интернет.

Сеад Џигал, експерт за медиумска писменост и социјални медиуми, вели дека влијанието на телевизијата е се уште големо, односно околу 80 проценти од граѓаните се информираат преку телевизијата, додека двојно помалку, иако таа бројка расте, 45 до 50 отсто од луѓето се информираат преку Интернет.

– Телевизиите и весниците веќе се интегрираат со онлајн платформите, и преку нив се обидуваат да го зголемат досегот на своите информации. Информирањето преку телевизии и информирањето преку Интернет ќе се претопат во еден нов вид интегрирано информирање, каде што дигиталните уреди кои сите ги користиме ќе бидат примарен канал од кои што ќе добиваме информации и токму во тој контекст треба да се стави подемот на социјалните мрежи, вели тој.

Според него, Интернетот во информирањето нема да ја престигне телевизијата, туку тие ќе се интегрираат во една дигитална платформа и во тој контекст треба да се гледаме сериозноста на влијанието на социјалните мрежи.

Оцени дека во Македонија најчести проблеми на социјалните мрежи се нетолеранцијата каде доминира политичката, верска, етничка, нетолеранција, говорот на омраза, дезинформирањето и лажните вести.

– Комуникацијата произлегува од општеството, општеството е базирано на културата, така што мора паралелно да се работи и на планот на комуницирањето и на културата и менталитетот, рече Џигал и додаде дека е потребно и поддршка од граѓанскиот сектор во дополнителното и неформално образование, професионални медиуми…

Билјана Петровска директорка на МИМ вели дека традиционалните медиуми ги обвинуваат на некој начин социјалните мрежи за своевидно монополистичко однесување и преземање на приходите од рекламирањето.

– Од друга страна немањето одговорност за јавниот интерес, за етиката во јавната комуникација, ширењето на говорот на омраза, особено во услови кога се знае дека новинарството, сфатено како јавно добро, е во длабока криза во светски рамки, и тоа и од економски и од аспект на влијание во општеството – наголемо се шират дезинформации, невистинити, лажни вести на социјалните мрежи, за кои за жал се уште не може да се најде ефикасен лек, оцени Петровска.

Истакна дека дел од ова се и политичарите, кои се обидуваат на еден дрзок и безобразен начин да го користат овој систем за спроведување на нивните агенди, со крајна цел освојување гласови и потоа остварување на влијание на начин на којшто потоа тие самите ќе треба да учествуват во политики во кои треба да се справуваат со овие проблеми.

Стандардите на Советот на Европа во однос на слободата на изразување онлајн и механизмите за заштита што функционираат во европските земји ќе ги претстави Надиа Беларди, експертка на Советот на Европа за прашања поврзани со слободата на изразување.

Според неа, во дигиталните медиуми се случува своевиден „информативен неред“, односно социјалните медиуми се комерцијални сервиси наменети на монетизација на ангажманот и податоците на корисниците.

Вели дека пропагандата отсекогаш постоела, но сега се шири побрзо и е поштетна.

– Медиумските организации не прават доволно за да ги заштитат новинарите таргетирани од говорот на омраза, а „лошите закони“ кои го регулираат говорот на омраза може лесно да се злоупотребат и да се користат за ограничување на слободата на медиумите, вели Беларди.

Конференцијата се организира во рамки на заедничкиот проект на ЕУ и на Советот на Европа – „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“.