Во кумановскиот центар за култура ликовна колонија „Лесново 2017“


Кумановци вечерва ќе имаат можност да ги проследат делата од 26-тата ликовна колонија „Лесново 2017“. Отварањето на изложбата е закажано за 19.30 часот, во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“.

Љубителите на уметноста ќе имаат можност да проследат 28 дела од вкупно 40 колку се изработени на колонијата.

– Посетителите ќе имаат можност да разгледаат дела работени во различни техники и стилови. Дел се инспиририани од непосредната околина на Лесново, а дел се сопствени креации на авторите, изјави Роберт Цветковски, историчар на уметност и директор на Центарот за култура.

Колонијата се одржува по 26-ти пат во организација на Дом на културата „Злетовски рудар“ од Пробиштип, под покровителство на Општина Пробиштип, во период од 26 јуни до 2 јули 2017.

За сите овие години на нејзиното постоење учествувале бројни и познати ликовни уметници од земјата и странство, а годинава ликовните уметници од Македонија, Бугарија и Русија ликовните дела ги создаваа инспирирани од природните на вулканскиот кратер, убавините на Лесновскиот манастир „Свети Гаврил Лесновски“ и просторот околу него, старата традиционална архитектура на лесновската куќа, како и карпестото опкружување.