Во Кривичен суд се слушаат „бомби“ од предметот „Траекторија“


Со слушање на „бомби“ денеска во Кривичниот суд во Скопје почна ново рочиште за случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство, за изградбата на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево -Охрид.

Во Судот присутни се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор за државни патишта Љупчо Георгиевски, кои се осомничени дека во 2012/2013 година ги пречекориле своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници до Штип и Охрид и нанеле штета на буџетот на државата од најмалку 155.117.172 евра.

Снимените разговори што се пуштаат во судницата, а кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, ги изнесува обвинителката Лиле Стефановска од СЈО.

Во досега преслушаните десетина разговори во судницата се слушаат разговори на Миле Јанакиески и Никола Груевски со соработници за тоа како течел процесот за изборот на изведувач и преговорите со кинеските компании.