Во Кривичен нови рочишта за Тенк, Т.Н.Т., Трезор и Тревник


Во Кривичниот суд денеска продолжува судењето на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во раздвоената постапка за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

На претходното рочиште беа изведени писмени докази. Пред почетокот на судењето адвокатот од одбраната Боро Тасевски побара изведувањето на материјалните докази да се врши со нивна презентација за разлика од претходно кога се читаа само наслови од листата на докази. Според одбраната, барањето има за цел сите суштински да се запознаат со материјалните докази.

Јавниот обвинител Стефчо Донев рече дека ваквиот предлог има за цел само да се одложи постапката, посочувајќи дека одбраната не ја спори содржината на материјалните докази, туку само начинот на презентација.

Случајот „Тенк“ се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра. За овој случај веќе е осуден поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор.

Во Кривичен денеска ќе се одржат рочишта и за предметите Т.Н.Т, Трезор и Тревник.

Предметот „ТНТ“ е за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски. Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

„Трезор“ се однесува за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од околу 770 илјади евра со набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој се наоѓа во Грција.

За случајот „Тревник“, пак, обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.