Во Кавадарци во 1930 година се одржал првиот избор за мис


Дека кавадарчани  уште пред многу години знаеле да реализираат атрактивни настани во градот на виното докажува фактот што на денешен ден, пред цели 88 години, бил организиран прв натпревар во женска убавина во срцето на Тиквешијата. Вака денеска за МИА потсети историчарот Петре Камчевски, кустос советник и поранешен директор на музејот во Кавадарци, сега во пензија.

Која била мистериозната кавадарчанка што пред речиси девет децении била избрана за мис на Кавадарци, е прашањето кое до денес не го откриле хроничарите од најлозарскиот дел на Македонија. Се знаат повеќе детали од настанот кој во тоа време бил своевидна сензација, но енигма е името на тогашната девојка што била избрана за мис на Kавадарци во 1930 година.

Петре Камчев

За изборот на мис Kавадарци за 1930 година постои пишан документ во форма на записник од состанок на Управниот одбор на културно уметничкото, пејачко и спортско  друштво „Братство“, одржан на 25 февруари таа година. Состанокот се одржал во аптеката на тогаш познатиот аптекар Бошко Марковиќ. За бројот на пријавените кандидатки, како и за имињата на најубавите кавадарчанки таа година, за жал, нема пишан документ. Само е потврдено дека натпреварот се одржал и кавадарчани ја славеле најубавата.

За изборот на првата мисица постои и  пишан документ за наградите што биле обезбедени за убавиците. За најубавата бил обезбеден комплет за ручање со по шест ножеви, лажици и виљушки. Наградата за првата придружничка била шест филџани за чај, а за втората придружничка – машина за мелење ореви.

Овој  избор ја изнедрил првата официјална мис на Градот на виното, која за жал, до денес е анонимна. А кавадарчани се обидуваат да погодат. Дали била црнка или русокоса, вита или со облини. Kако и да е, велат, сигурно била многу убава. И се надеваат дека еден ден на површина ќе исплива од избледнетите стари документи некоја заборавена фотографија,  која ќе го оживее споменот за кавадаречката убавица.

А дека градот отсекогаш бил богат со убави девојки, докажуваат и бројните песни посветени и испеани токму за нив, од кои една секако е и таа за прекрасната Родна Фалкова. Токму таа е една од девојките на фотографијата.

Хотел Југославија Кавадарци

Камчевски ни кажа дека неговите сознанија говорат дека изборот за кавадаречка убавица се одржал токму во кафеаната од  хотелот Југославија  на неговиот дедо Петре, кој го добил прекарот Американецот, поради тоа што бил меѓу првите печалбари од овој крај во Америка. Таму бил 11 години, од кои две во јужниот, а девет во северниот дел на американскиот континент. Уште во 1913 година во Кавадарци донел убав автомобил. Организирал многу настани, бил спонзор на изборот за мис и ги обезбедил и врачил  наградите. Самиот настан бил масовно посетен од кавадарчани, а интересот за него не престанува ниту денес. На една од фотографиите,  повисокиот објект е токму хотелот на Американецот.

За првата убавица на Кавадарци може само да се претпоставува, да се фантазира. Дека кавадарчанките се убави, но скромни, докажува фактот што првата винска убавица од првиот лозаровинарски карневал во рамките на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“ од над педесетина години е сѐ уште жива, но не сака јавно да зборува за сопствената убавина и својата животна приказна.

(МИА)