Во здравството треба да се вработат 2.300 лица, најмногу доктори


Во здравствениот систем во државата треба вкупно да се вработат околу 2.300 луѓе, најмногу доктори. Во Агенцијата за вработување има регистрирано 1.100 невработени медицински сестри и нешто помалку од 200 доктори, покажала анализата на Министерството за здравство.

Во медицинските центри низ државата, без градот Скопје, се потребни 380 доктори.

– Сите да можеме да ги вработиме, повторно ќе нема доволно. Затоа почнавме да истражуваме иновативни начини за тоа како да ја подобриме патронажната служба, како и сервисите кои сега се даваат во болница – рече министерот за здравство Венко Филипче во обраќањето на конференцијата „Здравјето на Ромите: Пристап, предизвици и можности за подобрување“.

Тој посочи дека Министерството за здравство почнало сериозно да работи на спроведување на Акцискиот план за намалување на смртноста на новороденчињата, при што се опфатени сите фактори што влијаат на новороденечката смртност. Според Филипче, се размислува како да се зајакне капацитетот на целокупниот здравствен систем и да се подобри пристапот со здравствена заштита на Ромите, како и квалитетна здравствена заштита за сите граѓани.

Лекарската комора апелираше итно да се преземат мерки, за да се спречи масовниот одлив на лекари кои ја напуштаат земјава. Предупредувањата се дека и сега недостигаат педијатри, анестезиолози, гинеколози, а за три години Македонија може да остане без матични лекари. Според податоците на Комората, од 200 студенти кои годишно дипломираат на Медицинскиот факултет во Скопје, околу 170 решаваат кариерата да ја почнат надвор од Македонија. Друг проблем е и старосната граница – нема кој да ги замени лекарите кои одат во пензија. Просечната старосна граница на докторите низ здравствените институции сега е околу 59 години. Со наполнети 62 години, жените веќе одат во старосна пензија. Повозрасните медицински сестри се ослободени од ноќни дежурства, што е дополнителен проблем и на оној што веќе постои – сите болнички одделенија работат со помал број сестри од потребниот.

Во периодот 2006 – 2015 година, бројот на лекари кои од Лекарската комора побарале потврда дека активно се занимаваат со клиничка медицина (потврда која им е потребна да работат во странство) се зголемил за речиси 20 пати. Најчесто, работа бараат во Германија. Од Македонија си одат поради несоодветни услови за работа, ниските плати и можноста за професионален развој што ја нудат поразвиените земји, кои исто така се соочуваат со недостиг од медицински кадар.