Во Европа тренд- во Скопје не заживеа проектот за изнајмување велосипеди


Жителите на Скопје во 2010 година за првапат добија можност да изнајмат еден од 120-те достапни велосипеди распоредени на пет локации низ градот.
Проектот „Изнајми велосипед“ беше воведен со примарна цел велосипедот да се користи како превозно средство, особено во централното градско подрачје, како и со цел за покревање на јавната свест за промена на навиките на граѓаните за употреба на алтернативни средства за јавен транспорт.
Носител на проектот е Јавното претпријатие „Градски паркинг“- Скопје и е заедничка соработка со градот Скопје и Здружението на граѓани Еко Свест.
Идејата не заживеа и системот на станици за изнајмување и враќање на велосипедите остана на почетните пет локации на ЈП „Градски паркинг“ Скопје и тоа на јавните паркиралишта Треска, Градска болница, Општа Градска болница „8 Септември“, во општина Аеродром на зона Д3, зад Трговскиот центар Бисер, и во катната гаража „Македонска фаланга“.
Поставеноста на системот овозможува велосипедот што е изнајмен од една постојка, да биде вратен на друга. Најголем недостиг на ваквиот ситем се покажа дека е одговорноста на корисниците за велосипедите, кои често се враќаат во неисправна состојба или воопшто не се враќаат.
Изнајмувањето почнува на пролет, а завршува на 31. октомври секоја година. Изнајмувањето чини 10 денари од час, додека месечна претплата изнесува 1.500 денари. Одговорноста за одржување и сервис на велосипедите за изнајмување е на ЈП „Градски паркинг“.