Во добра здравствена состојба мигрантите од сообраќајката кај Радовиш


Дванаесет мигранти од Бангладеш и Судан кои по сообраќајната несреќа која се случи синоќа на патот Штип – Радовиш кај Бучим, а се сместени во Штипската клиничка болница се во добра здравствена состојба, информираше денеска на прес-конференција директорот на Клиничка болница – Штип, Ален Ѓорѓијев.

Тој вели дека девет пациенти биле со потешки телесни повреди како што се скршеници на екстремитети, ребра и карлици.

– Двајцата пациентите кои синоќа беа во понестабилна состојба денеска нивната здравствена состојба може да кажеме дека е стабилизирана и се пренесени на одделенијата за хирургија и ортопедија. Бидејќи тешко ни оди комуникацијата со мигрантите кои го говорат мајчиниот јазик, а мал дел скромно го знаат англискиот јазик, побаравме од Меѓународниот центар за мигранти да дојдат двајца толкувачи кои ги знаат нивните мајчини јазици со цел да утврдиме и да ги идентификуваме лицата кои биле дел од сообраќајната несреќа, вели Ѓорѓијев.

Тој забележа дека пациентите кои се странски државјани се и под 24-часовен полициски надзор.

Побарано е од страна на Центарот за јавно здравје во Штип да се направат и дополнителни анализи на пациентите, бидејќи, како што вели Ѓорѓијев, доаѓаат од земји каде што се уште има одредени ендемски болести. На ист таков третман ќе бидат подложени  и лекарите и медицинскиот персонал од Штипската клиничка болница кои синоќа ја давале здравствената помош на мигрантите.

Ѓорѓијев вели дека лекувањето на мигрантите исто така ќе биде подмирено од страна на Меѓународниот центар за мигранти.

Од СВР Струмица денеска информираат дека во транспортното комби со скопски регистарски таблички се превезувале вкупно 23 мигранти и возачот кој по несреќата побегнал. На лице место се загинати две лица, 12 се хоспитализирани во Клиничка болница – Штип, а шест лица во Здравствен дом Радовиш. Во интерес на истрагата не се открива кој е сопственикот на возилото, а како што велат од полицијата се трага по возачот кој побегнал од местото на сообраќајната несреќа која се случи на патот Штип – Радовиш кај Бучим откако транспортното возило удрило во заштитната ограда на мост.